Основното јавно обвинителство Скопје отвори постапка против 46-годишен возач по тешката сообраќајна несреќа во Радишани, во која загина 19-годишниот мотоциклист Никола Макрачевски. Според Обвинителството, осомничениот со своето возило му го пресекол патот на Никола, по што дошло до судир, а наместо да остане на местото и да им помогне на повредените, го напуштил местото на несреќата. Против него е поведена скратена постапка за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
Според досега утврденото, на 7 август околу пладне, 46-годишникот управувал автомобил „сеат алтеа“ по улицата „Радишанска“. Кога пристигнал на крстосницата со улицата „18“, каде сообраќајот не е регулиран со знаци, започнал да врти налево без да ги пропушти возилата што доаѓале од спротивната насока.
Со тоа, според Обвинителството, го пресекол патот на мотоциклот „кавасаки“, со кој Никола се движел од спротивната страна и го задржувал својот правец на движење.
Во обид да избегне директен судар со „сеатот“, младиот мотоциклист свртел налево и преминал во коловозната лента наменета за возилата што се движат во спротивна насока. Таму со предниот дел од мотоциклот директно удрил во автомобил „алфа ромео“, кој доаѓал од спротивната страна.
Од силината на ударот, Никола излетал од мотоциклот и паднал на коловозот. Се здобил со тешки телесни повреди од кои починал. Во несреќата полесно бил повреден и возачот на „алфа ромеото“.
Според Обвинителството, 46-годишниот осомничен по несреќата не останал на местото за да им помогне на повредените, туку заминал.
Јавниот обвинител побарал од судот на осомничениот да му бидат определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето, обврска редовно да се јавува во судот, привремено одземање на патната исправа и одземање на возачката дозвола.
Првичната информација од МВР беше дека во несреќата на улицата „Радишанска“ учествувале мотоциклот и „алфа ромеото“. Со информациите од Обвинителството сега се открива и улогата на третото возило, „сеат алтеа“, чие движење, според обвинителската верзија на настанот, довело до обидот на Никола да го избегне директниот судар.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата