logo
logo
logo

НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА ТРЕБА ДА ПОЧНЕ ЕДНАКВО ЗА СИТЕ: „Ниту едно дете не смее да биде изоставено“

Vecer | 01.09.2026

НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА ТРЕБА ДА ПОЧНЕ ЕДНАКВО ЗА СИТЕ: „Ниту едно дете не смее да биде изоставено“

Новата учебна година носи нови почетоци за илјадници ученици, но не сите деца го имаат истиот пат до училишната клупа. Народниот правобранител потсетува дека правото на образование не значи само обезбедено место во училницата, туку и еднакви, достапни и безбедни услови за секое дете.

„Секое дете има право на образование кое не е само формално достапно, туку и реално, квалитетно и еднакво за сите. Ниедно дете не смее да биде заборавено или оставено без потребната поддршка“, порача Народниот правобранител.

Посебно се укажува на потребата навреме да се обезбедат учебници, училишен прибор, бесплатен превоз за децата кои имаат право на него, безбедни услови во училиштата и соодветна помош за учениците и семејствата кои се соочуваат со финансиски или други потешкотии.

„Бесплатното образование мора да значи дека детето може непречено да оди на училиште, да учи и да напредува. За тоа се потребни достапен превоз, соодветни услови за учење и поддршка за оние на кои им е најпотребна“, се наведува во пораката.

Народниот правобранител особено ги издвојува децата кои се во социјален ризик, децата со попреченост и учениците кои живеат во рурални и оддалечени места. Внимание, како што се посочува, треба да им се посвети и на учениците кај кои постои ризик од често отсуство или целосно напуштање на образованието.

Во пресрет на новата учебна година, важна тема е и врсничкото насилство. Од Народниот правобранител нагласуваат дека училиштето мора да биде безбедно место во кое секое дете ќе се чувствува прифатено и заштитено.

„Врсничкото насилство не смее да се третира како детска работа. Без разлика дали се случува во училница, во училишниот двор или преку интернет, секој случај мора да биде сфатен сериозно и навремено да се реагира“, велат од институцијата.

За спречување на насилството, според Народниот правобранител, неопходна е постојана соработка меѓу училиштата, наставниците, стручните служби, родителите и учениците. Децата треба да знаат кому можат да му се обратат доколку се жртви или сведоци на насилство.

Институцијата ги повикува надлежните државни органи, општините и училиштата да продолжат со активности за создавање услови во кои ниту едно дете нема да биде исклучено од образовниот процес поради материјалната состојба, местото на живеење, попреченост, насилство или друга причина.

„Децата треба да бидат слушнати. Родителите, наставниците и стручните служби имаат важна улога во создавањето средина во која учениците слободно ќе зборуваат за проблемите со кои се соочуваат. Гласот на детето мора да се почитува“, порача Народниот правобранител.

Од институцијата потсетуваат дека секое дете, родител или граѓанин кој смета дека е повредено право на дете може да побара помош од Народниот правобранител на телефонскиот број 02 3129 335 или преку електронската адреса [email protected].

Пораката за почетокот на учебната година е дека училиштата треба да бидат места каде што секое дете ќе има еднаква можност за образование, ќе биде безбедно и почитувано и ќе може слободно да го изрази своето мислење.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk