logo
logo
logo

Вечер.мк дознава

И за Теута Арифи нема согласност од Вашингтон да биде амбасадор?!

Vecer | 26.02.2022

И за Теута Арифи нема согласност од Вашингтон да биде амбасадор?!

И Теута Арифи изгледа не ги поминува филтрите на американската администрација за да може владата да ја предложи за амбасадор во Вашингтон, дознава Вечер.мк од високи дипломатски извори.

Имено, нашите извори брифираат дека откако Љубомир Фрчкоски не го помина филтерот да биде амбасадор на Македонија во Вашингтон, американската администрација неколку месеци молчи за предлогот Теута Арифи да биде нов амбасадор на Македонија во главниот град на нашиот стратешки партнер САД.

Односно и по неколку месеци, нема никаков одговор на консултацијата извршена со цел таа да биде предложена од владата на нов амбасадор во Вашингтон.

Ова е епилогот од променетата стратегија на коалиционите партнери во владата СДСМ и ДУИ за поделба на клучните дипломатски мисии во САД и ЕУ.

Промена во стратегијата на партнерите во владата

До предлогот Љубомир Фрчкоски да оди во Вашингтон, поделбата беше СДСМ да предложи кандидат за САД, а ДУИ за некое друго место кога ќе се испразни, како Брисел на пример.

По фијаското со Фрчкоски, околу локалните избори, настануваат промени во коалицискиот договор, според кои, ДУИ треба да номинира кандидат за Вашингтон, а СДСМ за Брисел, ЕУ.

Во истиот период, СДСМ и ДУИ се договараат да ја сменат и стратегијата, брифираат нашите извори.

Наместо да донесат одлука на влада кој ќе биде амбасадор, решиле прво да се консултираат со стратешките партнери дека имаат намера да ги кандидираат тие и тие лица, а дури потоа да се донесе одлука на Влада кој ќе биде предложен.

Две средби со висок американски дипломат

Подготвен на овој начин, актуелниот вицепремиер за европски прашања и секретар за меѓународна соработка на СДСМ Бојан Маричиќ, имал две средби со висок дипломатски преставник во амбасадата на САД во Скопје, брифираат нашите дипломатски извори.

Едната средба е по локалните избори, а втората се одржала неодамна, непосредно околу времето кога министерот за надворешни Бујар Османи најави дека искусен дипломат од МНР ќе биде предложен да оди за амбасадор во Софија.

На првата средба, Маричиќ го известил високиот американски дипломат за две работи, свичот во политиката за предложување кандидати за амбасадори, договорената размена на амбасадорските места меѓу СДСМ и ДУИ, а во тој контекст и размислувањето да ја предложат Теута Арифи за амбасадор во Вашингтон.

Откако подолг временски период не добил повратен одговор, вицепремиерот Маричиќ остварил и втора средба со високиот дипломат, на која, му е одговорено, парафразираме: “Сеуште нема одговор“.

Односно, дали она што високиот дипломат (името познато на редакцијата) му го соопштил на Маричиќ со дипломатски речник е дека и немањето одговор е одговор и дека треба да размислуваат понатаму, брифираат нашите извори.

Засега нема информација зошто американската администрација сеуште молчи за размислувањето Теута Арифи да биде предложена за амбасадор во Вашингтон.

ДУИ може да размислува за друг кандидат?

Сеуште останува простор ДУИ да номинира некого за Вашингтон, а предлогот на СДСМ да биде ЕУ, Брисел, велат дипломатските извори.

Но, останува прашањето кого би предложиле ДУИ за амбасадор во Вашингтон, со оглед на фактот дека нема многу спремни и квалификувани кадри во МНР кои би ги поминале сите потребни филтри за заминат во САД.

Амбасадорското место во Вашингтон е испразнето 5 години.

Ни Фрчкоски не ги помина филтрите на американската администрација

Универзитетскиот професор и поранешен министер, Љубомир Даналилов Фрчкоски во март минатата година отпадна како предлог за амбасадор во Вашингтон како, јави тогаш мкд.мк, повикувајќи се на информации од високи дипломатски извори.

Како што пишуваше тогаш медиумот, САД изразиле извесни резерви кон Фрчкоски.

За Фрчкоски во февруари 2021 година беше дадена согласност од Владата по што почна процедурата за обезбедување на агреман и чекал одговор.

-Но, високи дипломатски извори потврдуваат дека согласност од Вашингтон не е добиена. Нашите извори не откриваат детали зошто Фрчкоски е неприфатлив за Соединетите Американски Држави - дали на тоа влијаеле неговите поранешни политички ангажмани или е нешто друго во прашање, пишуваше минатата година.

Вечер.мк

Фото: архива

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk