Македонскиот стартап Spiderlook е една од шесте компании што полската платформа Vestbee ги издвои во својот ноемвриски избор на европски стартапи. Во објавата од 24 ноември, покрај Spiderlook, се претставени и компании од Германија, Чешка, Шпанија и Украина.
Vestbee е платформа со седиште во Варшава што ги поврзува стартапите со инвестициски фондови, бизнис-ангели и акцелератори. Нејзината редакција Vestbee Insights објавува квартални извештаи за инвестициите во Централна и Источна Европа. Vestbee го организира и инвестицискиот самит CEE VC Summit во Варшава, чие годинешно издание беше поддржано од Европскиот инвестициски фонд и полскиот PFR Ventures.
Следи што објавуваат конкурентите и што се пишува за нив
Spiderlook е платформа за следење и анализа на конкуренцијата, наменета за маркетинг-тимови и агенции. На едно место ги собира јавните објави на конкурентите на социјалните мрежи, нивните реклами на Meta и Google и промените на нивните веб-страници. Според тимот на Spiderlook, анализата опфаќа и вести и текстови на интернет-портали во кои се спомнуваат компаниите што корисникот ги следи.
Ако, на пример, конкурент пушти нова услуга, маркетинг-тимот може да види кога се појавила понудата на неговата веб-страница, како ја претставил на LinkedIn или Instagram, со какви реклами ја промовирал и кои портали пишувале за неа. Spiderlook користи вештачка интелигенција за да ги поврзе тие активности и да покаже како се развивала кампањата. Корисникот може да ги отвори и оригиналните објави, реклами и страници зад анализата.
Платформата може да се поврзе и со ChatGPT или Claude. Корисникот може директно во разговорот да праша што сменил одреден конкурент во своите реклами во изминатата недела и да добие одговор врз основа на собраните податоци.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата