logo
logo
logo

КАРПАЛАК НЕ СЕ ЗАБОРАВА - 25 години од трагедијата во која загинаа 10-те бранители

Vecer | 08.08.2026

КАРПАЛАК НЕ СЕ ЗАБОРАВА - 25 години од трагедијата во која загинаа 10-те бранители

Денеска се одбележуваат 25 години од трагичниот настан кај Карпалак, каде што загинаа десетте прилепски резервисти. По повод годишнината, делегации на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата ќе им оддадат почит на загинатите со положување цвеќе на спомен-плочата на местото на трагедијата.

Одбележувањето ќе се одржи и во Прилеп, каде што цвеќе ќе биде положено пред спомен-обележјето на македонските херои.

Масакрот кај Карпалак е најмногуброен масакр врз војници во воениот конфликт во 2001 година. На 8 август 2001 година 10 резервисти беа убиени, а тројца ранети кога конвој од хермелин – два автобуса – камион и комбе од прилепската касарна одел кон Тетово.

Кај месноста Карпалак конвојот бил пресретнат во терористичка заседа во 9.30 часот и врз него бил отворен жесток оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи.

Едно транспортно возило било погодено со ракетен фрлач, при што загинале осум војници и двајца офицери, сите од резервниот состав. Со ракетен фрлач бил погоден и еден од автобусите. Борбите за извлекување на преживеаните 108 луѓе траеле повеќе часа.

Жртви во крвавиот масакр кај Карпалак беа Нане Наумоски од Прилеп, Сашо Китаноски од Прилеп, Бранко Секулоски од Прилеп, Горан Миноски од Прилеп, Марко Деспотоски од прилепско Новоселани, Ердован Шабаноски од Прилеп, Љубе Грујоски од прилепско Пашино Рувци, Дарко Велјаноски од прилепско Ропотово, Веби Рушитоски од Прилеп и Пеце Секулоски од прилепско Бело Поле.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk