Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека и покрај дождот, кој завчера и вчеравечер заварна на поголем дел од територијата на државата, бројот на пожари на отворен простор не се намалува и во текот на вчерашниот ден имавме најмалку 31 пожар на отворен простор.
Анеглов во видеоизјава посочува дека карактеристично е тоа што во текот на вчерашниот ден повторно биле намерно подметнати и запалени два пожари на Китка и на планината Жеден и апелира доколку некој забележи сомнително однесување, да пријави на бројот 112.
Два од пожарите се големи, зафаќаат поголема површина и се комплексни за гасење.
Првиот голем пожар се наоѓа на територијата на град Скопје, општина Ѓорче Петров, во атарот на селата Грачани и Никиштане. Овој пожар пред три дена од косовска страна навлезе на македонска страна.
- Врз него овие денови дејствуваме и од воздух и од земја, но, за жал сѐ, уште е активен. Синоќа почна да дува ветер од насока од пожарот кон град Скопје и чадот можеа да го почувствуваат скопјани од повеќето скопски општини. Чадот предизвика вознемиреност помеѓу поголем дел од населението на град Скопје - информира Ангелов.
Врз овој пожар, како што информира Ангелов, од рано утрово се дејство продолжија скопските пожарникари засилени со неколку огнени тимови на Дирекцијата за заштита и спасување со „пинцгауери“.
- Тие работат по огнената линија, на самата линија на огнот, обидувајќи се да ја намалат. Од воздух поддршка даваат еден армиски хеликоптер, еден полициски хеликоптер, како и два „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување. Во овој момент слободно можам да кажам дека двете села, Грачани и Никиштане, не се загрозени од пожарот, иако кај населението постои одредена загриженост. Очекувам до доцна вечерва овој пожар да биде ставен под делумна контрола - изјави Анеглов.
Вториот голем пожар се наоѓа на територијата на општина Струга, кој граничи со општина Дебар. На овој пожар работат струшките пожарникари, линијата на огнот е многу голема, пожарот се одвива на тешко пристапен терен, мешовита шума, некаде нискостеблести растенија, грмушки, трње, трева, но исто така е многу тежок за гаснење.
- Во попладневните часови врз него ќе дејствуваме со „ер тракторите“ на Дирекцијата за заштита и спасување - појасни Анеглов.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата