Охрид денеска беше во знакот на младите инженерски таленти, каде што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како покровителка на церемонијата, им ги додели престижните признанија „Инженерски прстен“ за 2026 година на 14 најуспешни дипломирани инженери. Свеченоста се одржа пред црквата „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник, а признанијата ги добија млади инженери од различни области – архитектура, градежништво, машинство, електротехника, информатика, земјоделски науки, технологија и други инженерски дисциплини, кои доаѓаат од УКИМ, УКЛО и УГД.

Сиљановска-Давкова порача дека „Инженерскиот прстен“ е потврда дека знаењето, трудот, стручноста и професионалноста се препознаваат и вреднуваат, нагласувајќи дека најуспешните млади инженери претставуваат значаен човечки и развоен потенцијал за државата.
„Од нашата способност, подготвеност и решеност да ги препознаеме и да ги идентификуваме, но и навреме да ги вреднуваме, овозможувајќи им својот професионален потенцијал да го реализираат тука, дома, зависат и се детерминирани нашата технолошка конкурентност и компетитивност, но и економскиот капацитет и развој“, рече претседателката.
Таа се осврна и на иселувањето на младите инженери, посочувајќи дека државата треба да создава услови најдобрите да останат и својот професионален потенцијал да го вложат во земјата.
„Способноста да ги задржиме најдобрите и да им овозможиме својата иднина да ја градат дома е суштинско прашање, од чиј брз и точен одговор ќе зависат економската конкурентност и долгорочниот развој на македонската држава“, порача Сиљановска-Давкова.
„Инженерски прстен“ се доделува по 23. пат, а досега признанието го добиле вкупно 257 инженери.
На церемонијата се обратија и претседателот на Инженерската институција на Македонија, д-р Андреј Лепавцов, претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Дејан Метикош, како и Стефан Спасов, кој говореше во име на годинашните добитници.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата