МАКЕДОНИЈА ИНТЕНЗИВНО СЕ ПОВРЗУВА - Милијарди евра за нова инфраструктурна мапа на регионот

Vecer | 17.11.2026

МАКЕДОНИЈА ИНТЕНЗИВНО СЕ ПОВРЗУВА - Милијарди евра за нова инфраструктурна мапа на регионот
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Заедничкиот настап на земјите од Југоисточна Европа е единствениот начин регионот да обезбеди поголема конкурентност на европскиот и светскиот пазар, а инвестициите во инфраструктурата претставуваат директен влог во поврзаноста, бизнисот и економската соработка, порача вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во обраќањето на 23. Виенски економски форум. Говорејќи на настанот кој годинава се одржува под мотото „Заедничка визија за заедничка иднина, стратешки предизвици“, Николоски нагласи дека поединечните држави се премали за самостојно да се натпреваруваат на глобалната сцена, поради што развојот на паневропските коридори 8 и 10 е од суштинско значење за регионалното и геополитичкото позиционирање на Македонија. Тој посочи дека Владата реализира развојни проекти на овие два коридора во вредност меѓу пет и шест милијарди евра, со амбиција земјава да прерасне во вистинска крстосница на Балканот.

Осврнувајќи се на тековните градежни активности, вицепремиерот истакна дека во моментов се градат шест автопатски делници, меѓу кои Охрид – Кичево, Кичево – Букојчани, Букојчани – Гостивар и Гостивар – Тетово на Коридорот 8, како и автопатот Скопје – Блаце за поврзување со Косово и пристаништето Бар, заедно со делницата Битола – Прилеп на Коридорот 10д. Паралелно се завршени три експресни патишта: Градско – Дреново, Дреново – Фариш и Страцин – Крива Паланка, додека во железничката инфраструктура интензивно се работи на источниот крак на Коридорот 8 кон Бугарија, каде што за последната делница до прекуграничниот тунел веќе е распишан тендер. Николоски додаде дека заедно со Европската Унија се подготвува рехабилитацијата на западната пруга од Скопје кон Кичево, а при крај се и подготвителните активности за изградба на брзата пруга на Коридорот 10 од српската до грчката граница.

Покрај патната и железничката инфраструктура, на форумот беше ставен акцент и на дигитализацијата и новите технологии, при што Николоски информираше дека со последните измени на Законот за јавни набавки се воведува употреба на вештачка интелигенција за автоматизирано откривање неправилности и ризици, со цел зголемување на транспарентноста и избор на најдобри понуди. На годинешниот Виенски економски форум, кој е официјално признат од Европската комисија во рамките на „Форумот за проширување на ЕУ 2026“, учествуваа министри од Западен Балкан, претставници на ЕУ и меѓународни финансиски институции, со цел унапредување на економската интеграција од Јадранското до Црното Море.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk