Вицепремиерот Александар Николоски од 23. Виенски економски форум упати апел до ЕУ да изнајде решение за проблемот со превозниците и со извозот на електрична енергија произведена од обновливи извори за Западен Балкан.
- Има две многу важни прашања за регионот кои, за жал, многу малку беа споменати, а се огромен проблем за целиот регион и се директно поврзани со Европската Унија, а за жал ЕУ не презема ништо за нив. Првото е проблемот со возачите на камиони. Веќе речиси една година целиот регион зборува за тоа. Можеме да имаме убави говори овде, но ако стоката не може да се транспортира до крајниот корисник, не можеме да зборуваме за ништо. Во овој момент го имаме тој голем, огромен проблем. Една година зборуваме, не знам како е можно да се водат само бирократски дискусии, а да нема политичка одлука за тоа. Одговорите што ги добиваме веќе една година се дека „тоа било исто и порано“. Не е исто! Бидејќи со новиот електронски систем секој ден се брои, возачите на камиони се третираат исто како туристи, не можат да поминат повеќе од 90 дена во период од 180 дена во ЕУ, и бизнисот колабира, вели Николоски актуелизирајќи го прашањето на Виенскиот економски форум каде учествува втора година по ред.
Во изјава за МИА тој потсетува дека прашањето со превозниците, се уште е отворено, затоа што, вели, со неколку држави веќе имаме билатерални договори, но тоа не се сите држави на Шенген зоната.
- Бараме решение кое секако треба да го понуди Шенген зоната и ЕУ како овој проблем да се надмине, потенцира вицепремиерот Николоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата