Илија Димовски во објава на Фејсбук ја отвори темата за историското наследство поврзано со Цар Самуил и ја поврза со одредби од Преспанскиот договор и протоколите со Бугарија.
„За Цар Самуил, бељата е дома, не треба да се лутиме на други. Погубните договори ја наплаќаат цената“, пишува Димовски.
Тој во објавата се повикува на Преспанскиот договор и ја издвојува одредбата според која двете страни прифаќаат дека термините „Македонија“ и „македонски“ се однесуваат на различен историски контекст и културно наследство.
Димовски го посочува и Протоколот од првиот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 10 јуни 2019 година, наведувајќи дека во него Цар Самуил е опишан како владетел на средновековна држава која „поголемиот дел од современата историска наука ја смета за бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија“.
„Со првиот документ, со Преспанскиот договор, ние сме се откажале од било какво наследство од територијата на егејска Македонија“, тврди Димовски, додавајќи дека поради тоа Македонија, според него, нема формален начин да се спротивстави или да реагира на одлуки поврзани со посмртните останки на Цар Самуил.
Во продолжение тој оценува дека и „трансферот на посмртните остатоци и именувањето на Цар Самуил на неговиот нов надгробен споменик“ имаат, како што наведува, „формална верификација и потврда од македонска страна“.
Димовски посочува и на политичката одговорност за потпишувањето на двата документа.
„Потписник на двата документи од македонска страна е ист човек, во време на иста Влада предводена од ист еден Премиер и поддржана од исто коалиционо мнозинство во Собранието“, пишува тој.
Во објавата Димовски се осврнува и на посмртните останки на Свети Климент, за кои тврди дека се наоѓаат во Грција, во манастир во близина на Бер. Тој потсетува дека овие прашања ги отворил и за време на собраниската постапка за Преспанскиот договор.
На крајот, Димовски порачува дека Македонија „живеела и во потешки времиња“ и додава: „не треба да ја загубиме надежта и идејата за слобода“.
„За почеток е доволно јасно да кажеме дека овие договори се наметнати со насилство и со уцена и дека се спротивни на волјата на македонскиот народ“, заклучува Димовски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата