Малата поддршка за проширувањето на ЕУ и слабите пораки за Црна Гора ги намалуваат очекувањата за брзо членство на земјата, оценува експертот за европски интеграции од ЕСИ-Берлин, Ади Керимагиќ.
Осврнувајќи се на заклучоците од вчерашниот Совет на ЕУ, Керимагиќ оценува дека темата за проширувањето не добила доволно внимание, додека формулациите во однос на Црна Гора не даваат силен сигнал дека нејзиниот евроинтеграциски процес може наскоро да биде заокружен.
Според неговата оценка, иако на прв поглед изгледа дека официјален Загреб е главната пречка за напредокот на Подгорица, зад ваквата позиција може да стојат и други земји членки кои не се против тоа Хрватска да ја преземе улогата на критичар.
„Навидум изгледа дека официјален Загреб е тој што ја блокира Црна Гора, но зад сцената се чини дека други престолнини се исто така задоволни што Хрватска е спремна да биде лошиот полицаец кон Подгорица“, е пораката пренесена во статусот на Антонио Милошоски, кој се повикува на оценката на Керимагиќ.
Ваквиот пристап, според оценката, дополнително ја отежнува можноста Црна Гора да ги заврши преговорите за членство во ЕУ до крајот на годинава.
Сепак, оценките укажуваат на загриженост околу политичката поддршка за проширувањето, а не на конечна одлука за одложување на членството на Црна Гора.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата