Премиерот Христијан Мицкоски очекува македонската економија годинава да оствари раст меѓу 3,5 и 4 отсто, при што како основа за ваквата проценка го посочи остварениот раст во првото полугодие.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски рече дека во разговорите со претставници на Светска банка охрабрува фактот што Македонија, според него, е единствената земја во регионот кај која проценката за економскиот раст е коригирана во позитивна насока.
Тој посочи дека годината започнала со проценка за раст на бруто-домашниот производ од 2,6 отсто, која потоа била зголемена на 2,9 отсто, а вчера била коригирана на 3,2 отсто.
„Јас сум убеден дека оваа година растот на бруто-домашниот производ ќе биде меѓу 3,5 и 4 отсто“, рече Мицкоски.
Како аргумент за своето очекување тој го посочи растот од 3,7 отсто во првото полугодие, остварен по раст од 3,1 отсто во првиот квартал и 4,3 отсто во вториот квартал.
Мицкоски очекува Македонија да има и ниска инфлација, односно, како што рече, да биде меѓу земјите со најниска инфлација во регионот и Европа.
Во однос на економскиот раст, тој очекува Македонија да се најде меѓу првите пет земји во регионот и Европа, иако не очекува да има највисок раст.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата