Земјите од регионот треба да ги здружат силите за да бидат поконкурентни на европскиот и глобалниот пазар, порача вицепремиерот Александар Николоски на 23. Виенски економски форум. Тој истакна дека заедничкиот настап и инвестициите во инфраструктурата се клучни за економскиот развој на регионот.
Говорејќи на панел-дискусијата „Заедничка визија за долгорочна економска соработка“, Николоски посочи дека економиите на земјите од регионот се премали за самостојно да се натпреваруваат на глобалниот пазар, па затоа е неопходна меѓусебна соработка, и покрај политичките и историските предизвици.
Тој нагласи дека едно од главните прашања во наредниот период е како регионот ќе го подигне квалитетот на производите и услугите што ги нуди.
Николоски ги претстави и инфраструктурните проекти што се реализираат во Македонија, посебно во железничкиот и патниот сообраќај. Според него, подготовките за изградба на брза железница од границата со Грција до границата со Србија се во напредна фаза, а почетокот на работите се очекува напролет. Инвестицијата е проценета на околу две милијарди евра и, како што истакна, станува збор за најголемиот поединечен инфраструктурен проект во Југоисточна Европа.
Во однос на Коридорот 8, Николоски рече дека е постигнат договор со Бугарија за железничкото поврзување и дека двете земји веќе работат на реализацијата. Македонија инвестира околу 810 милиони евра во железничката инфраструктура, додека Бугарија презема активности на своја територија. Тој додаде дека напредува и автопатското поврзување, како и работата со Европската Унија на западната железничка врска со Албанија.
Според Николоски, вкупните инвестиции во овие коридори ќе достигнат околу пет до шест милијарди евра. Целта е Македонија да стане значајна регионална крстосница, што би придонело за економскиот раст и зајакнувањето на безбедноста.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата