Охридското Езеро е најубавото место во Европа за 2026 година според изборот на патописците на познатиот магазин „Тајм аут“. Зад него останале италијанската Сатурнија, Џиновскиот насип во Северна Ирска, Алберобело и норвешките фјордови.
Но, една споредба особено го издвојува Охрид. „Тајм аут“ го става наспроти славното езеро Комо, магнет за познати личности и за огромен број туристи.
Охридското Езеро, според магазинот, нуди помирно и поевтино искуство. Притоа, не губи ништо од спектаклот на пејзажот. „Тајм аут“ ги издвојува сината вода, планините и историските населби покрај брегот.

Историја и ниски цени наспроти гламурот на Комо
Комо го носи гламурот на Ломбардија, вилите и славните гости. Охрид, пак, добива поени за мирот, историјата и за значително попристапните цени.
Магазинот го опишува Охридското Езеро и како едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа. Градот Охрид го издвојува како ѕвезда на македонската страна.
Калдрмисаните улички, средновековните цркви и покривите што се спуштаат кон езерото ја градат сликата. Спомената е и познатата легенда за 365 цркви, по една за секој ден во годината.
Посебно место има црквата „Свети Јован Канео“. Посетата рано наутро се препорачува поради мирот и поради помалата гужва.
Лин, па уште 9 места зад убавиот Охрид
Изборот, сепак, не завршува на македонскиот брег. „Тајм аут“ ја издвојува и албанската страна, со нејзините помирни села и посурови пејзажи.
Посебно го посочува Лин. Малото село се издвојува со остатоците од мозаици и со камповите покрај водата. Така, едно езеро во изборот спојува две различни туристички лица.
Зад Охридското Езеро магазинот бројува 9 други места во Европа.
1. Охридско Езеро, Македонија
2. Термални извори Сатурнија, Тоскана, Италија
3. Џиновски насип, Северна Ирска
4. Алберобело, Пулија, Италија
5. Почитељ, Босна и Херцеговина
6. Норвешки фјордови, Норвешка
7. Ботаничка градина „Кју“ (Kew Gardens), Лондон, Обединето Кралство
8. Канал Принсенграхт, Амстердам, Холандија
9. Долина на реката Мозел, Германија
10Каса Батљо, Барселона, Шпанија
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата