Состојбата со поплавите кои викендот погодија повеќе региони во државата, како последица од поројните врнежи од дожд, останува непроменета, а надлежните служби и понатаму се на терен, каде што интервенираат на испумпување вода од објектите.
Жители од дел од улиците и населбите во Кичевско чии домови беа поплавени и понатаму се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Станува збор за 250 евакуирани лица, на кои им се обезбедени храна, вода и хигиенски производи.
Според информацијата на Центарот за управување со кризи (ЦУК) за состојбата со поплавите до 8:30 часот утрово, во Тетовскиот Регион нема нови пријави за излевање на реката Вардар кај селото Форино, како и на останатите водотеци каде што во текот на вчерашниот ден беше регистрирано излевање и поплавување.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за движење на автобуси, додека за останатите патнички моторни возила е задолжителна употреба на зимска опрема.
Во Битолскиот Регион, преку Единствениот број за итни повици – 112, според информациите на ЦУК, била примена пријава од жител на улицата „Буквиски мост“ за поплавена куќа.
„Случајот е пријавен во Територијалната противпожарна единица Битола за понатамошно постапување“, велат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека нивото на Црна Река кај селото Новаци изнесува 310 сантиметри.
Поради лошата состојба на патниот правец од селото Сливје кон селото Костинци, по комуникација во Единицата на локалната самоуправа (ЕЛС) Долнени, се очекува интервенција од страна на Јавното претпријатие (ЈП) „Македонија пат“.
На подрачјето на Кичево, како што информираат од ЦУК, нема нови поплавувања на објекти.
„Состојбата останува непроменета, а нивото на реките и водотеците е во континуирано намалување. 250 евакуирани лица се сместени во спортската сала ‘Христо Узунов’, каде им се обезбедени храна, вода и хигиенски производи“, се вели во информацијата од ЦУК.
Екипа на Јавното претпријатие „Комуналец“ и локалната Територијална противпожарна единица, додаваат од Центарот, работат на испумпување на водата од подрумите на улиците „Прилепска“, „Пиринска“, „Први Мај“ и „29 Ноември“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата