Компаниите, истражувачите и студентите на едно место: ОТВОРЕНА ПРВАТА ЕНЕРГЕТСКА ЖИВА ЛАБОРАТОРИЈА НА ФЕИТ

Vecer | 25.11.2026

Компаниите, истражувачите и студентите на едно место: ОТВОРЕНА ПРВАТА ЕНЕРГЕТСКА ЖИВА ЛАБОРАТОРИЈА НА ФЕИТ
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Во Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ при Факултетот за електротехника и информациски технологии денеска се отвори првата Енергетска жива лабораторија.

– Вредноста на една жива лабораторија е во тоа што компаниите и истражувачите работат заедно уште од самиот почеток. Компаниите доаѓаат со конкретни потреби и податоци од своето работење. Потоа тимот на ФЕИТ, преку ИНОФЕИТ, ги развива и ги проверува можните решенија со мерења, симулации и тестирања во услови блиски до реалните услови во нивните погони – рече управителот на ИНОФЕИТ, проф. д-р Димитар Ташковски.

Тој објасни дека лабораторијата веќе е оперативна за стопанството и се користи и за истражувачка работа на студентите на ФЕИТ. Во рамки на пилот проект на УКИМ, во европскиот проект INITIATE, е формирана истражувачката група за паметни енергетски системи.

-Отворањето на лабораторијата е уште еден важен чекор во зајакнување на врската меѓу науката, образованието и стопанството. Нејзината посебна вредност е во тоа што е замислена како отворена платформа во кој се среќаваат истражувачите, инженерите и компаниите, се тестираат нови решенија во реални услови и се развиваат иновации со директна примена во индустријата – рече проф. д-р. Владимир Атанасовски, декан на ФЕИТ.

Концептот на жива лабораторија подразбира отворен иновациски еко-систем во реално опкружување, пристапен на академската заедница, индустријата, јавниот сектор и граѓаните. Сите тие треба да ја користат енергетската жива лабораторија.

Разликата меѓу живата и традиционалната лабораторија е во тоа што во живата лабораторија средината е динамична, се менуваат условите за работа и средината не е контролирана. Оваа енергетска лабораторија учи со секој нов проект. Затоа, подразбира ко-креирање иновации од страна на корисниците, да се врши тестирање, евалуација и заклучоци во имплементирање на живата лабораторија.

-Но, она што ја прави оваа лабораторија навистина жива не е само опремата и технологијата, тоа се луѓето, идеите, соработката и можност да се испроба технологијата, да се подобри и да се потврди во реални услови. Оваа лабораторија треба да биде место каде компаниите може да ги тестираат своите решенија, истражувачите да ги развиваат и валидираат новите технологии, студентите да стекнуваат практични знаења и искуства – рече деканот Атанасовски.

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески оцени дека со поддршка на овој проект владата уште еднаш ја покажала поддршката за домашните компании.

– Еден од клучните фактори во овие процеси е воспоставување соработка и партнерство со науката, каде што се овозможува трансфер на знаење, технологии, заедничко истражување и заеднички иновации. Со носење на Стратегијата за паметна специјализација, во фокус е ставен развојот на приватниот сектор преку зголемена соработка со академијата во насока на пренос на знаење, заеднички проекти за истражување, развој и иновации – посочи Ристески.

Министерството за економија и труд финансиски го поддржа проектот „Воспоставување на Енергетска жива лабораторија во ИНОФЕИТ“ со 50% од средствата или околу 50.000 евра преку јавниот повик од 2024 година – Мерка за поттикнување иновативни колаборативни проекти поврзани со паметна специјализација, зелена и дигитална трансформација во четворен хеликс.

– Оваа лабораторија од денес е на располагање на бизнис-заедницата, каде што ќе можат да ги користат капацитетите на лабораторијата и Факултетот за зголемување на нивната конкурентност, преку користење на современи дигитални алатки да обезбедат енергетска и зелена транзиција, како и подобрени капацитети за настап на европските и светските пазари – рече Ристески.

Лабораторијата, развиена од ФЕИТ и ИНОФЕИТ, во соработка со домашни компании (Интебако, Хас Инженериг и Серафимовски Тек), овозможува развој и тестирање на решенија за паметно управување со енергија, користење обновливи извори, складирање енергија и енергетска ефикасност.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk