Кражба во католичката црква „СВЕТИ ЈОСИФ“ ВО СКОПЈЕ: АПЕЛ ДА СЕ ВРАТИ ДАРОХРАНИТЕЛНИЦАТА СО ОСВЕТЕНИТЕ ХОСТИИ

Vecer | 25.11.2026

Кражба во католичката црква „СВЕТИ ЈОСИФ“ ВО СКОПЈЕ: АПЕЛ ДА СЕ ВРАТИ ДАРОХРАНИТЕЛНИЦАТА СО ОСВЕТЕНИТЕ ХОСТИИ
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Во текот на ноќта меѓу 24 и 25 ноември 2026 година, од католичката црква „Свети Јосиф“ на Бит-пазар во Скопје е украдена дарохранителницата во која се чува Пресветата Причест, односно осветени хостии, соопшти Скопската бискупија.

Случајот е пријавен кај надлежните институции и во тек е полициска истрага.

„За Католичката црква Пресветата Причест е најсветиот дар доверен на Црквата и средиште на нејзиниот литургиски и духовен живот. Поради тоа, нашата најголема грижа во овој момент е осветените хостии да бидат пронајдени и достоинствено вратени“, се наведува во соопштението од Скопската бискупија.

Скопската бискупија упатува искрен апел до лицето или лицата кај кои се наоѓа дарохранителницата, а особено Пресветата Причест, да овозможат нејзино враќање што е можно поскоро.

„Доколку некој ги поседува осветените хостии и сака да ги врати, го повикуваме тоа да го направи со доверба и без страв од осуда од страна на Црквата. Нашата желба е тие да бидат вратени со должна почит. Ги повикуваме и сите граѓани кои располагаат со било каква информација што може да помогне во пронаоѓањето на дарохранителницата и Пресветата Причест да се обратат до надлежните органи. Ги повикуваме сите верници да се соединат во молитва за пронаоѓање и достоинствено враќање на Пресветата Причест, како и за покајание, помирување и преобраќање на срцата. Нека овој немил настан биде и повик до сите нас за уште поголема почит кон она што е свето“, се наведува во соопштението од Скопската бискупија на Католичката црква.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk