logo
logo
logo

Зајакнување на интегритетот и разузнавањето: Тошковски со план за борба против криминалот во затворските установи

Vecer | 02.09.2026

Зајакнување на интегритетот и разузнавањето: Тошковски со план за борба против криминалот во затворските установи

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на Регионалната конференција „Организиран криминал во затвори: Зајакнување на интегритетот, разузнавањето и соработката во Југоисточна Европа“, организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, на која учествуваат претставници на релевантни институции и експерти од земјите од регионот.

Во своето обраќање, министерот Тошковски нагласи дека организираниот криминал во казнено-поправните установи не смее да се третира како изолиран затворски проблем, бидејќи криминалните структури можат да продолжат да комуницираат, да влијаат и да ги одржуваат своите мрежи и по лишувањето од слобода, со последици врз интегритетот на институциите и ефикасноста на целиот систем на кривична правда.

„Мораме отворено да ги препознаваме ранливостите. Пренатрупаноста, начинот на примена на притворот, недоволно развиените алтернативи, ризикот од регрутирање на ранливи лица и можноста за коруптивно влијание создаваат простор кој криминалните структури го искористуваат. Истовремено, притисоците, заплашувањето и корупцијата можат директно да го нарушат интегритетот и отпорноста на затворскиот персонал. Овие предизвици се реални и не смееме да ги потцениме“, истакна Тошковски.

Министерот потенцираше дека интегритетот мора да биде една од темелните точки во справувањето со овој вид криминал, преку јасни професионални стандарди, одговорно раководење, ефикасни механизми за проверка и спречување на корупцијата, како и институционална поддршка за службениците да можат да се спротивстават на притисоците и влијанијата.

Како особено значаен сегмент го издвои и разузнавањето во казнено-поправните установи, нагласувајќи дека навременото препознавање на ризиците бара квалитетни информации, добра анализа и ефикасна размена на информации меѓу затворските служби, полицијата, обвинителството и другите надлежни институции.

„Ниту една од овие мерки не може да даде целосен резултат без соработка. Од превенцијата и истрагата, преку обвинението и судењето, до извршувањето на санкцијата – институциите мора да гледаат на криминалот како на заеднички предизвик. Само преку координирани оперативни механизми, ефикасна размена на информации, заеднички обуки и јасни процедури за заштита на интегритетот можеме да изградиме отпорни институции кои ќе ги штитат и безбедноста и човековите права“, порача Тошковски.

Осврнувајќи се на регионалната димензија, министерот посочи дека транснационалните криминални мрежи, коруптивните ризици, притисоците врз вработените и недостатокот на ефикасна размена на разузнавачки информации се предизвици кои не познаваат граници и затоа бараат координиран, интегриран и долгорочен пристап.

Тошковски ја поздрави иницијативата и улогата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје во поттикнувањето на регионалниот дијалог и создавањето платформа за практична соработка и размена на искуства меѓу институциите и експертите.

На крајот, министерот истакна дека Министерството за внатрешни работи останува посветено на продлабочување на соработката со партнерите во регионот и размената на искуства и добри практики, со цел градење посилни институции, побезбедни казнено-поправни установи и поефикасен и поотпорен систем на кривична правда во Југоисточна Европа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk