ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагира на критиките од СДС за визуелните елементи на спектаклот „Силно светнал ден“, посветен на 35-годишнината од независноста на Македонија.
Од владејачката партија велат дека станува збор за уметничка инсталација во која повеќекрако сонце визуелно се претопува во македонското државно знаме со осум зраци.
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека СДС и лидерот на партијата Венко Филипче намерно го оцрнуваат настанот, иако, како што наведуваат, тој бил позитивно прифатен од граѓаните.
„На СДС сега им смета и македонското сонце и уметничката инсталација“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, потсетувајќи на политиките на претходните влади во однос на државните симболи и други прашања поврзани со државноста.
Од партијата упатуваат низа обвинувања кон СДС, меѓу кои и за уставните промени и политиките поврзани со историските и националните прашања.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека манифестацијата „Силно светнал ден“, организирана по повод 35 години независност, ја обединила државата и била позитивно прифатена од граѓаните.
Од партијата додаваат дека, според нив, критиките од СДС се обид за оцрнување на проектот и порачаа дека власта ќе продолжи со активности за, како што наведуваат, враќање на достоинството и напредокот на Македонија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата