Моќен циклон со многу изразен студен фронт се движи низ северозападна Европа и веќе ги зафати северозападните делови на регионот.
Северниот дел на Јадранот, Истра, делови од Словенија и северна Далмација од вчера се погодени од грмотевици, а постои можност подоцна во текот на денот да се развијат и силни невремиња. Овој систем ќе влијае и врз западните и централните региони на Црна Гора, како и врз делови од Босна и Херцеговина. Слични временски услови се очекуваат во текот на денот, по што ќе следи краток период на стабилизација.
Времето во Македонија, пак, до сабота ќе се задржи претежно стабилно.
На почетокот на следната недела се очекува значителна промена на времето. Според прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи од понеделник времето ќе стане делумно до целосно облачно, проследено со значителен пад на температурата, врнежи и вистинска есенска свежина.
Во недела и понеделник ќе има повремени врнежи од дожд и услови за нестабилност со пороен дожд, појава на грмежи и засилен ветер. Од вторник поради продор на постуден воздух од север ќе има опаѓање на дневната температура.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата