Вистинскиот живот е борбата којашто ве чека, борбата за вашето семејство и борбата за вашата родна земја Македонија. Тоа никогаш немојте да го заборавите. Каде и да одите, вратете се дома и заедно да се бориме за нашата најубава земја на светот, Македонија, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање пред бруцошите на првиот академски час на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Во своето обраќање тој на своите колеги, професорите им упати порака да го пренесат своето знаење на младите, да бидат нивни педагози и нивни пример во животот.
- Од тоа знаење коешто вие ќе им го пренесете зависат и нивните семејства во иднина, нивните деца, нивните внуци и сè она коешто ќе следи како предизвик во нивниот живот. Искористете ја таа шанса, бидете дел од нивната младост, но исто така бидете дел и од нивниот живот понатаму низ годините коишто следат. Имајќи ја најубавата работа на светот, тоа треба да ви биде чест, но и одговорност, бидејќи ретко кој има таква одговорност и можност во животот. Затоа, мојот совет и мојата порака до моите колеги, а ваши професори е: бидете тоа што треба да бидете, бидете нивните педагози и нивниот пример како понатаму во животот треба тие да бидат пример за своите деца и за своите семејства, истакна Мицкоски.
Навраќајќи се на своите студентски почетоци премиерот нагласи дека животот го носел во различни средини и неколку европски градови, но, оти она коешто секогаш го инспирирало и му претставувало водилка во животот била неговата родна земја, Македонија.
- Каде и да одев, се враќав назад и знаев дека тука ќе го формирам моето семејство и тука ќе го продолжам мојот живот. На тој начин ги воспитувам и моите два сина, Јован и Антониј — да патуваат, да стекнуваат знаење, да другаруваат, да го поминат целиот свет и онаму каде што ќе имаат можност, никогаш таа можност да не ја одбијат. Но на крајот, да се вратат дома и заедно дома да се бориме за нашата заедничка татковина Македонија, рече Мицкоски.
На бруцошите им посака успешни години на другарување, стекнување знаење и учење.
- Инспирирајте се од убавините на вашата татковина Македонија, работете за вас, за вашите семејства и за неа, бидејќи поубаво место друго на светот немаме, подвелеч Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата