„Ако во даден случај, вашата соседна земја (Бугарија) се обиде да изврши притисок или да го искористи ова во контекст на процесот на проширување, би рекол дека повеќето други земји членки ќе ги информираат дека вториот протокол не е дел од преговарачкиот процес“, изјави Мартин Памер, амбадсадор на Австрија во земјава во интервју за „Европат“ на ТВ 24.
Бугарија може да биде опомената од земјите членки на Европската Унија доколку се обиде да го користи Вториот протокол меѓу Скопје и Софија од јули 2022 година како услов за земјава за продолжување на нејзиниот евроинтегративен пат, бидејќи тој не е дел од Преговарачката рамка со ЕУ.
Памер, во интервју за емисијата „Европат“ на ТВ 24, првпат јасно посочува на оваа околност, која во изминатиот период стана камен на сопнување во односите меѓу Скопје и Софија, што резултира со застој на македонскиот евроинтегративен процес.
Тој вели дека, сепак, двете страни ќе мора да разговараат за ова прашање во поглед на добрососедските односи, и затоа, вели, е важно да има дијалог меѓу Македонија и Бугарија – за да разменат различни мислења и перцепции едни за други на пошироко општествено ниво, со цел да се надмине она што, според амбасадорот, очигледно сè уште е останато од минатото.
„Ова е, патем, процес кој и онака е неопходен“, додава тој.
На прашањето дали официјална Виена повторно би се понудила да посредува меѓу Македонија и Бугарија и што може да понуди за деблокада на процесот, амбасадорот вели дека Виена и Австрија имаат долга традиција како место за дијалог и во извесна мера кога станува збор за посредништво, но за такво нешто треба да има согласност од двете страни кои имаат отворени прашања, во случајот – Скопје и Софија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата