На платото пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје вчера вечер, во вторникот на 30 -ти Јуни, се собраа луѓе за да му оддадат последна почит на Владо Јаневски. Собирот имаше интимна, емотивна атмосфера во која доминираа спомени и музика.
Присутни беа неговите пријатели, музичките соработници и многубројните обожаватели за да се потсетат на неговото творештво и да споделат спомени, чувства и благодарност.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, исто така, присуствуваше на комеморативниот собир во чест на Владо Јаневски, запали свеќа и го искажа своето почитување кон музичарот.
Вечерва, пред платото на СЦ „Борис Трајковски“, одадовме почит кон човекот кој со своите песни остави белег во срцата на генерации. Владо беше емоција, спомен, љубов кон градот, кон луѓето, кон Македонија.
Неговите песни се дел од нашите животи, од нашите радости, од нашите тивки моменти, од нашите победи.
Ти благодариме за сѐ, Владо.
Ти благодарам што ми подари победничка химна за Скопје.
Легендите не заминуваат.
Тие остануваат во песните, во спомените и во срцата на луѓето. Вечна благодарност и почит – рече градоначалникот Ѓорѓиевски.
Владо Јаневски почина по кратко боледување и зад себе остави богата дискографија и песни кои долго ќе се паметат. Комеморацијата беше можност луѓето да се збогуваат — со тивко споменување, со музика и со аплаузи. Погребот е закажан за денес, 1 јули, на градските гробишта Бутел во Скопје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата