Лежалките и чадорите за сонце на црногорските плажи по 17 часот се бесплатни само за државјаните на Црна Гора, додека оваа поволност повеќе не важи за туристите, пренесува РТЦГ.
Според Договорот за користење на морското добро за сезоната 2026, закупците се должни по 17 часот бесплатно да им овозможат користење на лежалките и чадорите на граѓаните на Црна Гора, по приложување документ за идентификација.
Во претходните години оваа можност беше достапна за сите посетители на плажите, без разлика дали се домашни или странски туристи, а закупците имаа обврска тоа јасно да го истакнат на информативните табли.
Сепак, на една плажа во Сутоморе е поставено известување дека никој не може бесплатно да користи лежалка по 17 часот доколку претходно не ја платил.
Директорот на ЈП „Морско добро“, Младен Микијељ, претходно изјави дека секој закупец кој ќе наплаќа плажен мобилијар по 17 часот ќе сноси последици.
Доколку некој им наплати лежалки и чадори по 17 часот, граѓаните на Црна Гора можат да поднесат пријава до Службата за контрола на морското добро, која проверува дали закупците ги почитуваат договорните обврски. Во случај на прекршување на прописите или доведување во заблуда на корисниците, пријава може да се поднесе и до туристичката инспекција, која во текот на летната сезона врши засилени контроли на црногорското приморје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата