Од Пајакот на Бекир ВИА пасоши за криминалци, без пасоши за 600.000 македонски граѓани до бранител а изметот во Водовод Гостивар - ова е приказна за „славната“ судбина на Оливер Спасовски.
Да одиме по ред.
Обвинителството веќе отвори истрага против директорот и вработени во комуналното претпријатие, додека политичките препукувања ја ставаат во втор план клучната дилема – кој дозволил отпадна вода да навлезе во водоводниот систем.
Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, кој е и поранешен министер за внатрешни работи а сегашен кординарот на пратеничката група на СДСМ во Собранието, оцени дека случајот со загадената вода во Гостивар е уште еден доказ дека институциите не функционираат и побара одговорност од Владата, Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и останатите надлежни институции. Според него, институциите реагирале задоцнето, а јавноста сè уште немала одговори на клучните прашања.
Оливер Спасовски беше надежен кадар на СДСМ, лице кое како технички министер, а потоа и вистински министер за внатрешни работи, па и технички премиер, татко на ќерки, сопруг, страсен љубител на опера, можеше да стори многу во својот мандат.
Но, за жал, му помина во многу лоши резултати - кои ги читавте сите: пораст на криминал и ликвидации меѓу нарко клановите среде улици, зголемување на бројот на кражби, грабежи, напади, убиства, општа небезбедност и пад на сите меѓународни оценки за работата на полицијата во неговиот мандат.
Во неговиот мандат, 600.000 граѓани остана заробени без лични документи, немаа лични карти и пасоши за да се идентификуваат или поминат граница, проблем кој експресно го реши Панче Тошковски.
Да почнеме...
Да потсетиме на инцидентот Пајак во Чаир од 2018 година
Случај во кој полицајка имаше вербален и физички судир со функционер од ДУИ (Неџат Асани) откако се обиде да му го казни возилото. Наместо да се гони функционерот за напад на службено лице, од МВР и тогашниот министер Оливер Спасовски тогаш излегоа со став дека полицајката „сама се удрила од пајакот“.
Афера „Двојник“ - фалсификувани македонски пасоши за белосветски криминалци
Да потсетиме и на аферата за 200 фалсификувани македонски пасоши за белосветски криминалци од 2021 година, кога министер за внатрешни беше Оливер Спасовски
Во големата полициска акција позната како „Двојник“, откриено е дека структури во Министерството за внатрешни работи (МВР) изработиле над 200 фалсификувани македонски пасоши за членови на меѓународни нарко-картели, мафијашки групи и лица со потерници. Овие документи се издавале под сомнителни околности, користејќи идентитет на вистински македонски државјани, поради што одговорните полициски службеници добија затворски казни.
Оливер Спасовски не понесе ниту морална, ниту инситуционална одговорност.
Нарко-клановите се убиваа среде улици во Скопје и соседните држави, апсени се за време на Тошковски
Ликвидациите во скопското криминално подземје се резултат на крвава војна за доминација во трговијата со дрога меѓу двата најголеми нарко-клана: „Дуќанџик“ и „Беланоца“. Пресметките се одвиваат со години, а во нив спаѓаат мафијашки убиства извршени како во Скопје, така и во соседните држави.
Министерот Оливер Спасовски не само што не ги уапси учесниците и сторилите на ликвидациите, напротив. Тие во негово време избегаа на безбедно надвор од државата.
Тој не понесе никаква одговорност.
Има уште многу да се зборува за Оливер Спасовски...
Да се вратиме на загадената вода со фекалии во Гостивар
Но, анализата на досега познатите факти за загадената вода со фекалии во Гостивар покажува дека одговорноста во овој случај не може да се бара пред се и само кај централните институции.
Најсериозните сомнежи, според досегашната истрага на Јавното обвинителство, се насочени кон лицата кои управувале со водоснабдителниот систем во Гостивар. Обвинителството веќе отвори постапка против директорот и уште две лица од јавното комунално претпријатие под сомнение дека преку поставени пумпи отпадна вода навлегувала во системот за водоснабдување, што довело до енормно зголемена концентрација на колиформни бактерии.
Токму затоа, најголемото прашање е како е дозволено вакво загадување воопшто да се случи.
Покрај кривичната одговорност која ја утврдува обвинителството, остануваат и прашањата за институционалното постапување. Центарот за јавно здравје треба да објасни како анализите непосредно пред појавата на масовните заболувања покажале исправна вода, дали мострите биле земени на репрезентативни места и дали постоела можност загадувањето да не биде навреме детектирано.
Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и останатите здравствени институции, пак, ќе треба да дадат одговор дали реагирале веднаш по првите пријавени случаи и дали можело порано да се преземат мерки за заштита на населението.
Сепак, во изјавата на Спасовски речиси целосно изостанува осврт на улогата на локалната власт. Гостивар е општина со градоначалник од ДУИ, а токму локалната самоуправа и јавното комунално претпријатие се директно одговорни за функционирањето на водоснабдителниот систем. Иако Спасовски формално изјави дека одговорност треба да има „од централно до локално ниво“, неговата критика беше насочена речиси исклучиво кон Владата и централните институции, без конкретно да ја спомене одговорноста на локалното раководство или на функционерите на ДУИ кои управуваат со општината.
Токму тука се отвора дилемата дали политичката критика е целосна ако ја изоставува институцијата во чија надлежност е одржувањето на водоводната мрежа. Фактите засега покажуваат дека случајот има повеќе нивоа на можна одговорност. Најтешката, доколку се потврдат наводите на обвинителството, е кај оние кои управувале со водоснабдителниот систем и дозволиле загадување на водата. Паралелно, здравствените институции ќе треба да објаснат дали можеле порано да ја откријат опасноста и побрзо да реагираат.
Оттаму, целосното утврдување на одговорноста не може да заврши само со политички обвинувања кон Владата, ниту само со кривична постапка против неколку лица. Одговорите ќе треба да покажат дали пропустите биле локални или централни. Доколку обвинителската верзија се покаже точна, тежиштето на одговорноста ќе биде кај локалното комунално претпријатие и лицата што управувале со водоводниот систем, бидејќи токму таму, според досегашните сознанија, настанал изворот на загадувањето. Одговорноста на здравствените институции и на централната власт би се однесувала главно на брзината на откривање, координацијата и реакцијата, а не на самото создавање на загадувањето.
Пајакот на ДУИ продолжува да плете мрежа и за Гостиварското труење луѓе
- Случајот со загадената вода во Гостивар е уште една потврда дека институциите под оваа власт не функционираат кога се најпотребни за граѓаните. По трагедијата во Кочани, до денес ништо суштински не е променето. Еве, сега го имаме и Гостивар, каде повторно гледаме задоцнета реакција, институционален молк и избегнување одговорност“, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, во гостувањето во емисијата „Вести плус“ на Канал 5.
Тој посочи дека одговорноста мора да ја понесат сите надлежни институции – од Владата и здравствените власти, до Институтот за јавно здравје и сите институции кои имале законска обврска навремено да реагираат.
„За ова што се случува во Гостивар, одговорноста е на сите нивоа – од централно до локално. Досега не слушнав дека некој од министрите чувствува одговорност. Зошто затајувањето на здравствените власти не понуди никаква одговорност? Моментот кога првите 200 граѓани од Гостивар се пријавиле во болница не значел ништо ниту за здравствените власти, ниту за Владата. Првичната реакција следува дури по пет или шест дена“, нагласи Спасовски.
Спасовски потенцираше дека токму ваквото институционално постапување покажува како оваа власт ја води државата.
„ Треба да се признае. Да се признае дека ни се случи Кочани и дека нема никаква промена во системот. И дека сега ни се случува ова што се случува во Гостивар, а институциите една недела молчат и ништо не прават во тој момент“, рече Спасовски.
Тој нагласи дека јавноста сè уште нема одговори на најважните прашања – каков бил квалитетот на водата, колку испитувања биле направени и какви биле резултатите од нив.
„До ден-денеска немаме никаков одговор во однос на тоа каков бил квалитетот на водата, колку испитувања биле направени и така натаму. Ако мострите покажале дека водата била исправна, тогаш треба да се утврди што се случило, како се направени тие испитувања и дали извештаите реално ја отсликувале состојбата“, рече Спасовски.
Спасовски посочи дека Институтот за јавно здравје има законска обврска континуирано да ја следи исправноста на водата за пиење и да постапува навремено.
Некогашната славна кариера на Оливер Спасовски
Оливер Спасовски беше истакнат македонски политичар, актуелен пратеник во Собранието на Северна Македонија и поранешен технички премиер на Република Северна Македонија.
Тој е долгогодишен член и висок функционер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Тој беше премиер на техничката влада од 3 јануари до 30 август 2020 година.
Го водеше Министерството за внатрешни работи (МВР) во неколку мандати, прво како министер за внатрешни работи, а подоцна во полн капацитет од мај 2017 до јануари 2020 година и од септември 2020 до јануари 2024 година.
Избран е за пратеник на парламентарните избори.
Роден: 21 октомври 1976 година во Куманово.
Дипломирал право, дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопјe.
Пред да влезе во високата политика, работел како правен приправник, секретар на Општина Куманово и советник на градоначалникот на Куманово.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата