Државата подготвува нов предлог-закон со кој земјоделското земјиште останува добро од општ интерес, но со многу построга заштита и цел да се спречи неконтролираната урбанизација. За спроведување на новите правила, ќе се формира клучна институција, Агенција за управување со земјоделско земјиште, која ќе ги контролира сите постапки и пренамени.
Една од најголемите измени е целосната забрана за поставување фотоволтаични системи на најквалитетните ниви од прва до четврта категорија. Исклучок од ова правило ќе бидат единствено државните проекти од јавен интерес, додека за приватните инвеститори на располагање ќе останат само парцелите од петта до осма класа.
Дополнително, предлог-законот воведува серија нови забрани со кои се стопира неконтролираното користење на површините. Станува забрането движењето со моторни возила по ниви надвор од патиштата, организирањето големи собири без дозвола, како и секое оштетување на посеви, млади садници и земјоделски ознаки. На нивите ќе биде дозволено да се градат само објекти за примарно производство, како пластеници, бунари, мали мандри и натстрешници за механизација, но тие во никој случај не смеат да бидат станбени, туристички или индустриски комплекси.
Новина во законот е и строгата обврска секое земјиште што се користело за рударски или други неземјоделски активности задолжително да се врати во првобитна состојба, со обновен плоден слој и извршена рекултивација. За непочитување на оваа одредба се предвидени ригорозни глоби. Компаниите кои ќе го прекршат законот ќе се соочат со казни од 10.000 до 25.000 евра, за одговорните лица во фирмите казната изнесува од 3.000 до 6.000 евра, додека физичките лица ќе плаќаат глоби во износ од 1.000 до 3.000 евра.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата