На Чат ГПТ во Македонија многу почесто му велиме „што да правам?“ отколку „заврши ми ја работата“. Речиси четири од секои десет пораки во јуни биле за практични насоки, додека помалку од две од десет биле поврзани со работа, сугерира анализата на Институтот Демократика.
Бројките ја ставаат Македонија речиси на двата спротивни краја на европската листа. Со 39,9% практични насоки сме втори од 36 земји, а со 18,1% работни пораки сме дури 34.
И зад тие проценти се крие прилично интересна слика за тоа што всушност правиме кога ќе го отвориме Чат ГПТ.
Практичната помош не значи само едноставно прашање. Во оваа категорија влегуваат советите „како да“, подучувањето, креативното осмислување, но и разговорите за здравје, фитнес, убавина и лична грижа.
Пред нас во Европа е само Романија. Таму практичните насоки сочинуваат 40,5% од пораките, а во Македонија 39,9%. Зад нас се Албанија со 38%, Црна Гора со 37,5%, Грција со 36,6%, Хрватска со 35,5%, Србија со 34,3% и Босна и Херцеговина со 33,2%.
Не бараме само совет, туку и си муабетиме
Уште поинтересно станува кога од советите ќе преминеме на обичниот разговор.
Во јуни 10,6% од сите пораки од Македонија биле самоизразување, што нè става на третото место меѓу 36 европски земји. Во оваа категорија OpenAI ги сместува поздравите и неформалните разговори, односите и личната рефлексија, како и игрите и играњето улоги.
А кога ќе се тргнат работните пораки, македонската склоност кон муабетот излегува уште посилно на површина.
Од пораките што не се поврзани со работа, дури 42,6% се класифицирани како „изразување“. Тоа е највисок удел меѓу 34 европски земји за кои има податоци. Просекот кај останатите е 32,7%.
Истовремено, само 39,2% од овие пораки се класифицирани како „барање“, што е најнизок удел во истата група земји.
Значи, Чат ГПТ кај нас не е само машина на која ѝ задаваме задача или ѝ поставуваме прашање. Значаен дел од интеракцијата изгледа многу повеќе како – разговор.
Чат ГПТ сè помалку ни е „колега“
Најинтересниот пресврт се гледа кога бројките ќе се вратат една година наназад.
Практичните насоки во вториот квартал од 2025 година сочинувале 29,5% од пораките. Една година подоцна нивниот удел стигнал до 38,6%.
Тоа е раст од околу 9 процентни поени. Во истиот период европската медијана пораснала за 4,2, а глобалниот удел за 4 процентни поени. Значи, целиот свет почнал повеќе да бара практична помош од Чат ГПТ, но во Македонија промената е приближно двојно поголема.
Работата, пак, се движи во обратна насока.
Во првите шест месеци од 2025 година 28,7% од македонските пораки биле поврзани со работа. Во втората половина од годината уделот се спуштил на 23,1%, а во првата половина од 2026 на 19,6%.
Во јуни останале само 18,1%.
Пад има и во Европа и глобално, но повторно е поизразен кај нас. Меѓу вторите квартали работната употреба во Македонија паднала за 7,7 процентни поени, наспроти 4,6 кај европската медијана и 3,8 глобално.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата