logo
logo
logo

ЕДНО БАРАЊЕ СЕ ЗАТВОРА, ДРУГО СЕ ОТВОРА, затоа нема доверба со Бугарија, вели министерот Муцунски

Vecer | 09.10.2026

ЕДНО БАРАЊЕ СЕ ЗАТВОРА, ДРУГО СЕ ОТВОРА, затоа нема доверба со Бугарија, вели министерот Муцунски

Билатералните односи, процесот на европска интеграција на Македонија, недовербата меѓу двете страни и потребата од нејзино надминување преку дијалог, како и Акцискиот план за малцинствата, биле дел од темите, за кои денеска во Софија разговарале министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка Велислава Петрова Чамова, на средбата на маргините на Министерскиот состанок во Софија.

Муцунски по средбата со Петрова Чамова, имаше и одвоена средба со еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Тој во изјава за медиумите по двете средби оцени дека со Чамова Петрова имале конструктивни разговори, средбата била одржана во позитивен дух, иако, како што нагласи, позициите на двете држави по суштинските прашања и натаму се далечни, при што е договорено дијалогот да продолжи по сите прашања од заеднички интерес.

-Позициите на Македонија и Бугарија во однос на прашањата поврзани со европската интеграција сè уште се многу далечни, но денешната средба со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова Чамова беше конструктивна и одржана во позитивен дух, при што е договорено дијалогот меѓу двете држави да продолжи по сите прашања од заеднички интерес – изјави Муцунски во Софија.

Тој оцени дека меѓу двете страни постои висок степен на недоверба во однос на процесот на европската интеграција на Македонија, пред сè, во поглед на неговата предвидливост. Тој посочи дека стратешки интерес на Бугарија е Македонија да се движи напред по европскиот пат, но оти кај македонската страна постои недоверба поради тоа што, како што рече, низ годините постојано се појавувале нови билатерални барања.

– Ние сме земја кон којашто низ годините постојано има некои билатерални барања и штом се затворало едно билатерално барање, потоа се отворало ново. Значи таа недоверба постои. Исто така сме цврсто определени на позициите дека прашања поврзани со јазик, со идентитет, со историја, со култура, не смеат да го оптоваруваат нашиот европски пат – нагласи Муцунски.

Како една од темите на средбата, тој го посочи и Акцискиот план за малцинствата, за кој, како што информира, исто така е договорено да се разговара во периодот што следи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk