logo
logo
logo

Адвокатката на Богоев: Притворот е неочекуван, присуството можеше да се обезбеди и со поблаги мерки

Vecer | 04.06.2026

Адвокатката на Богоев: Притворот е неочекуван, присуството можеше да се обезбеди и со поблаги мерки

Одбраната на Стефан Богоев ја оцени како неочекувана одлуката на скопскиот Основен кривичен да му определи 30-дневен притвор во рамки на истрагата што ја води Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за сомнежи за злоупотреби во постапки за јавни набавки и коруптивни дејствија.

По распитот пред судија на претходна постапка, адвокатката на Богоев, Сања Алексиќ, изјави дека станува збор за предмет од финансиска природа и дека, според одбраната, присуството на осомничените во постапката можело да биде обезбедено и со поблаги мерки.

– Неочекувано, искрено, таква одлука. Особено што станува збор за предмет кој е од финансиска природа, не е насилен криминал. Како што сте запознаени, не само што понудивме ние гаранција, туку и другите бранители за другите осомничени имаат понудено гаранција, со која мислам дека во комбинација со другите мерки на претпазливост можеше да се обезбеди присуството на осомничените – изјави адвокатката.

Одбраната најави дека ќе поднесе жалба на решението во законскиот рок. Алексиќ за медиумите изјави дека одбраната не добила увид во доказите на кои се повикува Обвинителството.

– На одбраната, не ѝ беа презентирани никакви докази во насока на постоење основ на сомневање. Само ни беше соопштено дека докази, според Обвинителството, постојат – изјави бранителката на Богоев.

Обвинителката Искра Хаџи-Василева претходно соопшти дека Обвинителството побарало определување притвор поради опасност од бегство и можност за влијание врз истрагата, која се наоѓа во рана фаза. Судот го прифатил предлогот и определил мерка притвор за Богоев и уште тројца осомничени. Од кривичен информираа дека судија на претходна постапка, постапувајќи по предлог на ОЈО ГОКК, донел решенија со кои се прифаќа барањето за притвор против четирите осомничени лица – С. Б., Д. Г., А. С. и С.М.

„Предлогот за определување мерки притвор против С. Б., Д. Г., А. С. и С. М. се прифаќа и на сите им се определува мерка притвор во траење од 30 дена. Мерката е определена заради постоење на основите од член 165 став 1 точки 1 и 2 од Законот за кривична постапка“, соопшти Судот. Против решенијата странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.

Според Обвинителството, постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја злоупотребиле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување на хигиена на гранични премини и царински терминали. Со фаворизирање на одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата, според обвинителството, му овозможиле на правниот субјект да стекне противправна имотна корист во износ од 18.479.692 денари. Осомничените се товарат за кривичните дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, примање награда за противзаконито влијание и давање награда за противзаконито влијание.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk