Општина Аеродром денеска објави јавен повик за доделување еднократна парична награда за ученици од седмо до деветто одделение со посебен успех.
Оттаму ги повикаа сите ученици што постигнале забележителни резултати да се пријават, а наградите ќе се доделуваат во четири категории:
Надарени ученици – ученици со натпросечни постигнувања во науката и технологијата; Талентирани ученици – ученици со исклучителни уметнички, креативни и литературни таленти; Талентирани спортисти – ученици што постигнале врвни резултати во индивидуални или екипни спортови и Ученици со посебни образовни потреби (ПОП) – ученици со попреченост што покажале исклучителен инклузивен напредок во редовното образование.
Право на учество имаат редовните ученици од седмо, осмо и деветто одделение од сите општински основни училишта, под услов еден од родителите или старателите има пријавено живеалиште во општината и успесите (награди, медали и сертификати) за кои се поднесува пријава да бидат остварени во текот на претходната или тековната учебна година.
Пријавувањето започна денеска и трае 15 календарски денови, односно до 10 декември, а за да учествуваат, заинтересираните треба да го пополнат овој образец и оваа изјава, а од преостаната потребна документација потребно е да се приложи потврда за редовен ученик во општинско основно училиште во Аеродром, копија од свидетелството за претходната учебна година, копија од лична карта или пасош на родител/старател (доказ за живеалиште) и копија од активна трансакциска сметка на родителот или старателот.
Пријавата, изјавата и останатата документација се доставуваат секој работен ден во Архивата на Општина Аеродром. Секој кандидат може да поднесе пријава само во една од горенаведените категории.
Од Општината потенцираат дека висината на секоја поединечна парична награда ќе се утврди со посебна одлука на Советот на Општина Аеродром
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата