МАКЕДОНИЈА ПРВА ВО РЕГИОНОТ ДО РОАМИНГ КАКО ДОМА – повици и интернет во ЕУ по домашни цени

Vecer | 26.11.2026

МАКЕДОНИЈА ПРВА ВО РЕГИОНОТ ДО РОАМИНГ КАКО ДОМА – повици и интернет во ЕУ по домашни цени
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Македонија е првата земја од Западен Балкан што го заврши техничкиот дијалог со Европската комисија за приклучување кон европскиот систем „Роаминг како дома“, соопшти денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на конференцијата „Индустријата и животната средина: профитот не е единствената цел“, во организација на Стопанската комора.

Андоновски посочи дека со последната размена меѓу преговарачките тимови на Македонија и на Европската комисија е потврдено дека се усогласени сите отворени прашања за предложениот текст на договорот.

„За граѓаните ова има многу конкретно значење. Кога ќе патуваат во Европската Унија, ќе можат да се јават дома, да испратат порака или да користат мобилен интернет по условите од својот домашен пакет. Со Европската комисија го усогласивме текстот на договорот и како прва земја од регионот ја завршивме техничката фаза. Сега сме чекор поблиску до тоа граѓаните да ја почувствуваат оваа придобивка при секое патување во ЕУ“, истакна Андоновски.

На Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој се одржа на 25 ноември во Брисел, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека Македонија прва во регионот го завршила техничкиот дел од процесот. Тој изрази очекување дека македонските граѓани наскоро ќе можат да ги користат мобилните услуги во земјите членки на ЕУ по домашни тарифи, без дополнителни трошоци за роаминг.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk