Македонија мора да изгради национален дата-центар за да ја обезбеди стабилноста на дигиталните услуги и да го следи развојот на вештачката интелигенција, е заклучокот на панел-дискусијата „Дата-центрите, расчистување на мистеријата“, во рамките на конференцијата „Индустријата и животната средина: профитот не е единствената цел“, во организација на Стопанската комора и УНДП.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека државните системи во моментот се распределени на повеќе од 40 локации во Скопје, што, како што рече, создава сериозни ризици за нивното функционирање.
– Имаме повеќе од 40 локации на кои се чуваат податоци и сервери, а за нив се грижат разни институции. Често се случува да има прекини поради технички проблеми, дефекти на климатизација или нестабилно напојување. Тоа не е само прашање на кибербезбедност, туку и на сигурност и континуитет на државните услуги – рече Андоновски.
Според него, проектот за национален дата-центар е вклучен како индикативен проект во планот за раст на Европската Унија и во реформската агенда на државата, а се разгледуваат можности за негово дополнително финансирање.
Осврнувајќи се на развојот на вештачката интелигенција, министерот оцени дека земјите што нема да изградат сопствени капацитети ќе се соочат со поголема зависност од странски технолошки компании и инфраструктура.
– Постои реален ризик да се создаде јаз меѓу оние што ќе имаат пристап до ресурсите потребни за вештачка интелигенција и оние што нема да може да си го дозволат тоа. Затоа мора навреме да инвестираме во сопствени капацитети – истакна Андоновски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата