САД под администрацијата на претседателот Доналд Трамп нема веќе да се занимаваат со „градење држави“ на Балканот. Наместо тоа, американската политика ќе се насочи кон стабилност, позитивни односи, економска соработка и конкретни американски решенија за земјите од регионот, пишува специјалниот дописник на МИА од САД.
Ова го порачал заменик-помошникот државен секретар задолжен за Балканот, Дениел Лотон, сведочејќи пред Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом. Неговото излагање доаѓа непосредно пред посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Вашингтон.
Македонија доби конкретно место во новата американска слика за регионот. Во подготвената изјава на Лотон се наведува дека земјата е близок партнер на НАТО, ги реализира стратегиските приоритети и напредува кон договореното ниво на инвестиции во одбраната.
Вашингтон посебно го издвојува и нејзиното место на регионалниот енергетски крстопат. Македонија се подготвува за поврзување со гасоводот што треба да носи американски втечнет природен гас од Грција кон Србија, потпирајќи се на пристаништето Александруполи.
Истовремено се развиваат транспортни проекти на правците север-југ и исток-запад. На Стратегискиот дијалог меѓу САД и Македонија во април била потврдена подготвеноста за соработка токму на овие линии.
Промената не се однесува само на економијата. Од одговорите на Лотон пред конгресмените произлегува и поинаков американски пристап кон политичките кризи во регионот.
Кога станало збор за Босна, тој нагласил дека САД не сакаат прекумерно да интервенираат во внатрешните прашања на суверена држава. Вашингтон нема да зазема став ниту за тоа кои балкански земји треба да станат членки на Европската Унија.
– Во однос на Европската Унија, ние не заземаме став за членството на земјите. Тоа е одлука што самите треба да ја донесат во соработка со Унијата – изјавил Лотон.
САД, сепак, немаат намера да му го препуштат регионот на геополитичкото влијание на Москва и Пекинг. Лотон ги посочил Русија и Кина како ривали што претставуваат закана за американските интереси на Балканот.
Токму тука се појавува вториот дел од новата формула. Наместо изолација и прекумерно политичко интервенирање, Вашингтон сака на балканските држави да им понуди причина самите да ги изберат САД.
Според Лотон, ставот на американскиот државен секретар Марко Рубио е дека политиката на изолирање на Србија не успеала. Затоа САД сега сакаат да бидат проактивни и да нудат „американски решенија“, како противтежа на Русија и Кина.
Расправата во Конгресот во голем дел се фокусирала токму на Србија и нејзините односи со САД, Русија и Европската Унија, како и на етничките и политичките прашања во Босна и Косово.
Заменик-помошникот државен секретар на САД, Даниел Лотон, сведочеше пред Поткомитетот за Европа на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, при што официјално ја претстави стратегијата на администрацијата на Трамп за Западен Балкан. Во своето официјално обраќање, високиот американски дипломат потврди суштинска промена во надворешната политика на Вашингтон, која се заснова на прагматични решенија, зајакнување на безбедноста и бескомпромисна борба против мрежите на транснационалниот организиран криминал.
За време на сведочењето, Лотон јасно стави до знаење дека САД повеќе нема да даваат безусловна поддршка за неодредени цели, официјално прогласувајќи го крајот на класичните интервенции во регионот.
„Минатата година, на одбележувањето на 30-годишнината од Дејтонскиот договор, потсекретарот Ландау јасно стави до знаење дека ерата на градење нација однадвор е завршена. Како што тој рече:
'Соединетите Држави не обезбедуваат неограничени средства за неодредени, неизвесни и нереални цели'“, им рече Лотон на американските законодавци.
Новата стратегија на Вашингтон се заснова на три главни столба: одржување на стабилноста, унапредување на економските интереси на американските бизниси и бескомпромисна борба против безбедносните закани. Во овој контекст, американскиот функционер стави акцент на борбата против нарко-картелите и балканските криминални мрежи.
„Третиот столб е соработката со партнерите за справување со заканите, вклучително и балканските транснационални криминални организации кои директно соработуваат со картелите од западната хемисфера што ги загрозуваат Соединетите Држави“, нагласи тој.
Во однос на Албанија, Лотон потврди оперативна соработка за разбивање на криминалните мрежи и модернизација на вооружените сили.
„Тесно соработуваме со нашиот сојузник во НАТО, Албанија, за да се справиме со транснационалните криминални организации и да го прошириме пристапот до пазарот за американските компании. Неодамна финализираниот заем во рамките на програмата за странско воено финансирање ќе ѝ помогне на Албанија да ги исполни обврските на НАТО за одбранбени трошоци и да го зголеми купувањето на опрема произведена во САД“, рече заменик-помошникот државен секретар.
Американскиот дипломат дополнително ја нагласи посветеноста кон суверенитетот на Босна и Херцеговина и независноста на Косово, изразувајќи загриженост поради институционалните одложувања во Приштина и прекумерните полициски акции против српското население.
Лотон ги повика Приштина и Белград да избегнуваат провокации и да се вратат на директен дијалог, поздравувајќи го напредокот постигнат преку Стратешкиот дијалог со Србија, како и инфраструктурните и енергетските партнерства со С. Македонија и Црна Гора.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата