СДСМ зажали што ја покани претседателката на собраниската расправа за Алта Банка

Vecer | 25.11.2026

СДСМ зажали што ја покани претседателката на собраниската расправа за Алта Банка
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Откако СДСМ побара одговорност и од претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова за случајот Алта Банка таа се појави на Надзорната расправа организирана во Собранието на барање на СДСМ кој ја дава и претседателката на Комисијата за финансирање и буџет Сања Луларевска.

Претседателката иако не мора да се појави на ваква расправа одговараше на повеќе поставени прашања, а главното беше дали имала политички притисок за поставувањето на Трајко Славески на гувернерската позиција и дали сега чувствува одговорност, по случувањата со Алта банка.

За обвинувањата од СДСМ дека била дел од некаква тријада поврзана со Алта Банка рече дека се работи за бизарна дилема која е навредлива.

Одговорајќи на прашањето на пратеничката на НСДП Мираковска, претседателката рече во правото тоа би го нарекле промашување на предметот на расправата.

Претседателката на Републиката Гордана Сиљановска-Давкова на собраниската надзорна расправа за Алта банка АД Битола образложи зошто не учествувала на првата седница и зошто дошла сега.

„Најнапред, сакам да Ве информирам дека на 11 ноември, кога се одржа првата седница, јас бев во Анталија, на COP31, настан за кој моето учество беше утврдено уште минатата година. Значи, не стануваше збор за избегнување на расправата. Второ, денес дојдов пред сè поради граѓаните, но и поради почитта кон оваа институција“, рече Сиљановска-Давкова на почетокот на своето обраќање.

Таа се осврна и на институционалните граници, потсетувајќи на претходна надзорна расправа за случајот „Евростандард“, кога не биле поканети ниту претседателот, ниту премиерот. Посочи дека во поканата што ја добила стои формулацијата „другите државни органи“, што според неа е необично со оглед на уставната положба на претседателот.

„Во членот 85 став 2 од Уставот е предвидено дека Собранието може да побара од претседателот мислење за прашање од неговата надлежност. Искрено, не сум сигурна дека ова прашање, во оваа фаза, е прашање од мојата надлежност. Би била овде со сигурност кога би се работело за избор на гувернер врз основа на мој предлог, или доколку би се водела постапка за негово разрешување“, нагласи претседателката.

Сиљановска-Давкова посебно укажа на независноста на Народната банка, гарантирана со Уставот и Законот, и истакна дека претседателот нема надлежност во издавање или одземање дозволи, супервизија или воведување администрација во банка. Во однос на предлогот за гувернер Трајко Славески, објасни дека ги почитувала законските критериуми и се консултирала со експерти, поранешни гувернери и професори.

„Не само што кандидатот Трајко Славески ги исполнува законските услови, туку станува збор за професор со четириесетгодишно искуство. Мојот избор се темелеше на знаењето, искуството, стручноста и компетентноста. Мене легитимитетот не ми извира од парламентот. Ми извира од граѓаните. Добив повеќе од 560 илјади гласови“, рече таа, отфрлајќи ги инсинуациите за политички притисоци или конструкции поврзани со странски фактори како „бизарни и навредливи“.

Претседателката предупреди и против мешање на надзорната расправа со институтот интерпелација, оценувајќи го тоа како проблематично од уставно-правен аспект. На крајот апелираше за одговорна дебата:

„Дојдов, значи, со намера да објаснам доколку можам и да помогнам доколку можам во расветлувањето на овој случај. Целта треба да биде да се зачува или да се врати довербата. Довербата во институциите. Довербата во банкарскиот систем. Најголемиот бенефит од тоа не треба да го има ниту една политичка страна. Треба да го имаат граѓаните.“

Расправата, иницирана од СДСМ, продолжува во атмосфера на меѓусебни политички обвинувања околу одговорноста за влезот и работењето на Алта банка, додека властите уверуваат дека депозитите на граѓаните се заштитени.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk