Група пропалестински демонстранти некаде во Британија ја носат паролата „Палестина на Палестинците“. На прашањето – ако Палестина е на Палестинците, дали тоа значи и Англија на Англичаните, повеќето што протестираат збунето гледаат кон соговорникот, се фемкаат, превртуваат очи, а еден веднаш вели дека такво нешто е недопустливо, затоа што тоа е расизам.
Малку чудно, нели? Е па, не е чудно! Во такво време живееме, тоа е суштината – она што го сакаш ти, не смеам да го посакувам јас, за едни важи едно правило, ама истото тоа правило не смее да важи за други, одредена фраза што некои ја изговараат претставува прогресивна слободоумност, ама кога така ќе се изразат некои други луѓе, тогаш тоа е расизам. Или наједноставно речено: она што ти го врескаш е слобода на говор, ама ако истото го шепнам јас, тогаш тоа е говор на омраза.
Или поинаку кажано – ако излезам на протест против фемицид, веднаш имам право на бес и дефиниран сум како слободоумен елемент, ама кога ќе кренам глас против етноцид, односно континуиран идентитетски холокауст врз Македонците, ме бележат како небањат националист.
Додуша, ова е лоша споредба – забележав дека и Фрчковски се појавил да протестира против насилство врз жените, па автоматски овој собир станува гротеска – патем дамиве што порачуваат дека се бесни, малку доцнат со наративот, пропуштија 48 убиства на жени за време на една друга власт, освен ако не процениле дека убиените биле со десничарска емотивна определба, па оттука и не се некоја загуба, но горчлив цинизам на страна – знам дека оваа девијантно изопачена појава кога мажи, физички и психолошки малтретираат жени, а посегнуваат и по нивните животи, не може сосема да се искорени, ама мора да се преземат сите можни алатки и вештини за ваквиот варваризам да се превенира, спречи и пред сè лечи, оти секој што манифестира насилство врз друго човечко битие со цел да му ја одземе слободата или животот, душевно оболена личност е.
Но да се вратам јас на суштината за која всушност и ја почнав колумната – суштината на изопачената лицемерност, која сме принудени да ја живееме. Сите мора да имаме слух и разбирање за кревките и нежни национални чувства на Грците и Бугарите, само кога на ред ќе дојдеме ние Македонците, одеднаш, на иста тема, се менува плочата и нашите емоции за идентитетот на кој му припаѓаме стануваат состојба од која мора да се откажеме бидејќи така било цивилизирано, такви биле европските вредности и правила на кои треба да се приспособиме за да се интегрираме. Сите имаат права и слобода да изберат како ќе се именуваат, сите смеат да ја пропагираат својата национална припадност, само за нас тоа е пречка и проблем, па мора да се обезличиме.
Којзнае какви мрачни погледи му фрлале домашните и странски колеги, кога на 6 февруари 1897 година, на британскиот премиер Вилијам Јуарт Гледстон му текнало да објави писмо во лондонски „Д’Тајмс“ и во него – имајќи го предвид фактот дека македонскиот народ од една страна е под отоманска тиранија, а од друга страна под атака на националшовинизмот на новосоздадените Грција, Бугарија и Србија – да напише: „Македонија на Македонците“, алудирајќи дека на Балканот треба да се создаде самостојна македонска држава.
Знам колку мрачно и бесно го гледале – кулминацијата на тие мрачни и бесни погледи се случи децении подоцна кога на 27 јуни 1992 година, Европската заедница, во Лисабон усвои декларација со која признавањето на нашата држава беше условено со име што не смее да го содржи терминот Македонија. Прекрасно, нели?
Ама не – јас сум националист, нацист, небањат, варварин, кретен што не ги разбира цивилизациските вредности на фините Европејци.
И тука доаѓа булингот – од две страни насочено насилство што треба да доведе до конечен етноцид на Македонците. Првото насилство е однадвор, од Европската Унија, а маскирано е во излитена, демек демократска флоскула, која гласи: па вашата влада потпиша Договор за добрососедство со Бугарија и француска рамка што билатералниот спор сега го прави обврска за евроинтеграција.
Да бе, знаеме, таа иста влада потпиша и Преспански договор со кој се укинува името Македонија и од Македонци нè направи граѓани на Сссс… на Нордистан, иако ние го употребивме најсилното оружје на демократијата и на референдум кажавме дека такво нешто не дозволуваме, ама не само што ни се посраа на слободата и човековите права туку спроведоа варварски методи на репресија, кршење на Уставот, криминал, затворска тортура, судски монтировки и велепредавство за да го официјализираат нацистичкото изживување на Грција, аминувано од Брисел и Вашингтон.
И да, истите тие потпишаа и бугарски договор и француска рамка со која не треба само да ставиме Бугари во Устав туку и да ги прифатиме нивните налудничави соништа да ни ја менаџираат стварноста, да ни ја пишуваат историјата, да ни го дефинираат јазикот – а бе, роман ако напишам, ќе мора да помине низ нивната цензура за да видат дали им ги вознемирувам националните чувства и сексуалните страсти. Ајде како писател, малку да ја ги извртам нештата и симболично да ја извадам на виделина суштината – што ако утре се најде некоја фрустрирана политичка будала од држава членка на ЕУ што ќе каже:
Македонија може да стане дел од Унијата само ако ги истреби албината и велосипедистите, па некоја наша будала такво нешто и потпише – ќе се најде ли некој во таа факинг Унија, што ќе праша – ама зошто, по ѓаволите, да ги истребат велосипедистите?
Булинг има и однатре. И не мислам на политичкиот булинг, кој нè мрцвари да ги прифатиме сите нацистички изопачености што се бараат од нас. Зборувам за овие што глумат аполитични, демек космополити што се „над сето ова“, кои се толку многу граѓански освестени што левитираат „над овој проблем“ – а бе, така силно лебдат НАД СЕТО ОВА што буквално ми се дојдени преку глава. Нивната нарација вообичаено се манифестира со реченицата: јас знам што сум и не може некој да ми кажува каде припаѓам, тоа што ти реагираш и се браниш, значи им ја прифаќаш играта.
Демек, ако се борам против нацистичката агресија, која вели дека не постојам, тогаш им ја прифаќам играта и наместо да бидам НАД ТОА, им запаѓам во замката, односно и самиот не сум сигурен во сопствената припадност.
Ај, важи! Па кажете им го истово на жените што се под тортура на кретени – кажете им да не се бранат, кажете им дека само треба да бидат НАД ТОА, оти инаку ја прифаќаат и така запаѓаат во замката дека се тепани. Само треба да бидат НАД СЕТО ТОА и модриците и лузните сами ќе исчезнат.
Александар Русјаков (Нова Македонија
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата