Бугарија и Грција постигнале договор за предавање на посмртните останки на цар Самуил, кои на 3 октомври официјално ќе ѝ бидат предадени на бугарската држава во Солун, соопшти денес бугарскиот премиер Румен Радев на почетокот на седницата на Советот на министри.
Според Бугарската национална телевизија, Радев изјавил дека договорот е постигнат по интензивни преговори меѓу двете земји. Бугарската влада денес треба да го одобри текстот на договорот и да го овласти министерот за култура да го потпише заедно со неговиот грчки колега.
Со договорот е предвидено Бугарија и Грција заемно да си предаваат на чување историски, религиозни и културни артефакти и реликвии.
„Ја имаме историската чест да го постигнеме тоа“, рече Радев, заблагодарувајќи му се на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за неговата „државничка одговорност, политичка храброст и волја“ да се постигне договорот.
Радев употребува две различни формулации: најпрво вели дека е постигнат договор за „враќање“ на посмртните останки на цар Самуил во неговата татковина, а веднаш потоа дека договорот предвидува реципрочно предавање „на чување“ на историски, религиозни и културни артефакти и реликвии, без притоа да прецизира дали режимот „на чување“ се однесува и на останките на Самуил.
Официјалното предавање е предвидено за сабота, 3 октомври, во Музејот на византиската култура во Солун, на церемонија чиј домаќин, според соопштеното од Радев, ќе биде Мицотакис. Потоа останките ќе бидат пренесени со бугарски воен авион „Спартан“ во Софија.
Заедно со останките што му се припишуваат на цар Самуил, според најавата на бугарскиот премиер, на Бугарија ќе ѝ бидат предадени и останките од уште два саркофази пронајдени во истата црква, кои се поврзуваат со Гаврил Радомир и други членови на царското семејство.
Радев ги повика граѓаните на 3 октомври во 12:30 часот да ги пречекаат посмртните останки на Самуил и да му оддадат почит на плоштадот „Кнез Александар I“, пред поранешниот Кнежевски дворец. Потоа останките ќе бидат пренесени во посебен саркофаг во црквата „Света Софија“.
Информацијата ја објави и бугарската БТВ, која го пренесува официјалното соопштение на Радев дека договорот денес треба да биде одобрен од бугарската влада.
Од грчките медиуми, Еполитикал уште на 28 септември објави дека грчката влада во текот на неделава се очекува да ѝ ги предаде на Бугарија останките што му се припишуваат на Самуил. Грчкиот медиум наведува дека тие биле откриени од археологот Николаос Муцопулос во базиликата „Свети Ахил“ на островот во Мала Преспа.
Официјалната интернет-страница на грчкото Министерство за култура, пак, наведува дека при ископувањата во базиликата биле откриени четири погребувања, а според археологот Муцопулос, еден од пронајдените скелети му припаѓал на Самуил.
Цар Самуил бил средновековен македонски владетел, кој од 997 до 1014 година владеел со Самуиловото Царство, чиј политички и духовен центар бил во Охрид.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата