Македонија има нов повод за спортска гордост! Македонскиот борач Марко Топузовски освои бронзен медал на Светските игри во кинеско борење „World Shuai Jiao Games 2026“, кои се одржуваат во Монтесилвано, Италија. По европското злато освоено во 2023 година, Топузовски уште еднаш го потврди својот квалитет на меѓународната сцена, носејќи нов медал за македонскиот спорт.
Топузовски настапи во сениорска конкуренција, во категоријата до 100 килограми, каде што во силна меѓународна конкуренција успеа да се избори за место на победничкиот подиум.
Овој успех претставува продолжение на неговите одлични резултати на големите меѓународни натпреварувања.
Во 2023 година, македонскиот борач го освои златниот медал на Европското првенство во кинеско борење за сениори, кое исто така се одржа во Италија, со што се вброи меѓу најуспешните натпреварувачи во својата категорија.
Со најновиот бронзен медал од Светските игри, Топузовски продолжува да ниже меѓународни успеси и достојно да ги претставува македонските спорт и боречки вештини.
Неговиот резултат е уште една потврда за потенцијалот на македонските спортисти да се натпреваруваат и да освојуваат медали на големата меѓународна сцена.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата