logo
logo
logo

Нови меѓународни контакти и можности за преводи на македонски дела

МАКЕДОНСКАТА КНИЖЕВНОСТ БЛЕСНА ВО ФРАНКФУРТ – успешен настап на најголемиот светски саем на книгата

Vecer | 12.10.2026

МАКЕДОНСКАТА КНИЖЕВНОСТ БЛЕСНА ВО ФРАНКФУРТ – успешен настап на најголемиот светски саем на книгата

Македонската книжевност го заокружи своето претставување на најголемиот светски саем на книгата во Франкфурт, отворајќи нови можности за меѓународна соработка, преводи и промоција на домашните автори. Во текот на петте саемски дена, од 7 до 11 октомври, македонските издавачи остварија бројни средби со претставници на светската издавачка индустрија, претставувајќи го богатството и потенцијалот на македонското книжевно творештво.

Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) ја претстави актуелната домашна книжевна продукција пред меѓународната публика, продолжувајќи ги активностите за поголема видливост и афирмација на македонските писатели на светскиот книжевен пазар.

На македонскиот национален штанд, под препознатливиот концепт „Читај во 7/8“, беа претставени бројни автори и книжевни дела во три категории: современа македонска книжевност, македонски книги веќе преведени и објавени во странство и литература за деца.

Преку специјално подготвените каталози, странските издавачи имаа можност да се запознаат со разновидноста на македонската книжевна сцена и потенцијалот на домашните автори за пробив на меѓународниот пазар.

Особено внимание привлече промотивниот настан одржан на 8 октомври, на кој присуствуваа претставници на реномирани светски издавачки куќи и литературни агенции. Средбите отворија можности за нови партнерства, преводи и објавување македонски книги во странство.

„Годинашното претставување во Франкфурт беше уште една важна можност македонската книжевност да ја доближиме до меѓународната издавачка јавност. Остваривме бројни средби со странски издавачи, агенти, преведувачи, но и со претставници на меѓународни издавачки асоцијации, со кои разговаравме за можностите за соработка и за поголема меѓународна видливост на македонските автори“, истакна Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи.

Значаен дел од претставувањето беше посветен и на можностите за финансиска поддршка на преводите преку Конкурсот на Министерството за култура и туризам за финансирање превод и објавување домашни дела на странски јазици.

Странските издавачи беа запознаени со условите за поддршка, а програмата беше позитивно прифатена како дополнителен поттик за меѓународна книжевна соработка.

Саздов нагласи дека вистинските ефекти од ваквите меѓународни настапи се очекуваат во наредниот период.

„Сепак, успехот на еден ваков настап не се мери само со бројот на остварени контакти. Вистинските резултати доаѓаат подоцна, кога тие контакти ќе прераснат во конкретни соработки, договори и нови изданија на македонски автори на странски јазици“, посочи Саздов.

Учеството на Саемот на книгата во Франкфурт претставува значаен чекор во долгорочните заложби за меѓународна афирмација на македонската книжевност, особено имајќи предвид дека македонскиот јазик има релативно мало говорно подрачје.

Присуството на вакви престижни настани им овозможува на домашните автори и издавачи директно поврзување со светската книжевна индустрија, со цел македонските книги да стигнат до нови читатели ширум светот.

Националното претставување на македонската книжевност во Франкфурт беше реализирано со поддршка на Министерството за култура и туризам.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk