logo
logo
logo

КАЛЕТО СЕ СРЕДУВА ЗА ДА БИДЕ ТУРИСТИЧКА АТРАКЦИЈА ВО СКОПЈЕ - секаде во свет се наплаќаат карти

Vecer | 10.10.2026

КАЛЕТО СЕ СРЕДУВА ЗА ДА БИДЕ ТУРИСТИЧКА АТРАКЦИЈА ВО СКОПЈЕ - секаде во свет се наплаќаат карти

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска изврши увид во завршните активности за обновување и ставање во функција на двата музејски објекта на Скопското Кале – на Музејот на Праисторија и Музејот на Османлискиот период.

Скопското Кале во периодот што следува треба да добие нов изглед и подобрена функционалност, со цел да се претвори во една од позначајните туристички атракции во главниот град, најави премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека Владата ќе обезбеди поддршка за реализација на планираните активности.

- Целта на Владата е Калето да го добие изгледот и функционалноста што ги заслужува, со поддршка од надлежните институции, и да прерасне во една од значајните туристички атракции во главниот град, истакна Мицкоски.

За посета на Скопското Кале ќе се наплаќаат влезници откако локалитетот ќе биде целосно уреден и ставен во функција, најави премиерот Христијан Мицкоски.

„Нормално е дека ќе се наплаќа. Не сега, туку кога ќе биде пуштено, кога ќе биде средено, како што е секаде во светот“, одговори Мицкоски на прашањето дали се планира наплата на влезници. Премиерот најави дека активностите за уредување треба да започнат оваа година, а доколку сè се одвива според планот, Калето би требало да го добие посакуваниот лик следната година.

Тој оцени дека досегашното уредување, вклучително и хортикултурното средување, не е доволно и дека локалитетот има многу поголем туристички потенцијал. 

Мицкоски истакна дека Владата ќе им обезбеди финансиска и логистичка поддршка на надлежните институции за Скопското Кале да стане позначајна туристичка дестинација и да биде дел од програмата на „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.

По години чување во несоодветни услови, над 5.000 артефакти од Кале ќе добијат музејски простор 

Завршија работите за адаптација и санација на Музејот на праисторијата и Музејот на османлискиот период на Скопското Кале, а над 5.000 археолошки артефакти, кои со години се чувале во несоодветни услови, се очекува да бидат изложени и достапни за јавноста.

Директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, информираше дека археолошките истражувања на локалитетот, започнати во 2007 година, резултирале со откривање на повеќе од 5.000 предмети. Според неа, во периодот од 2017 до 2024 година тие се чувале во супстандардни услови, додека двата музејски објекта биле оставени на забот на времето.

Со доаѓањето на новата влада во 2024 година, Управата, како инвеститор на проектот, поднела информација до Владата и обезбедила осум милиони денари за реализација на активностите. Била формирана работна група, изработена предмер-пресметка и распишан тендер за тековно одржување, адаптација и санација на двата објекта. За изведувач била избрана компанијата „Нет Инвест“ од тетовското село Теарце.

„За неполна година објектите се веќе завршени“, истакна Честоева, посочувајќи дека работите опфатиле повеќе области, меѓу кои машинство, архитектура, електрика и браварија.

Во завршна фаза е и постапката за донесување одлука со која Скопската тврдина Кале би била прогласена за културно наследство од особено значење, во категоријата големо значење. Со предложеното решение, надлежностите би биле поделени меѓу Градот Скопје и Археолошкиот музеј. Археолошкиот музеј би управувал со двата музејски објекта, а археолошките предмети би биле уредени и изложени за посетителите да можат да се запознаат со историјата на локалитетот.

Честоева најави и дека двата музеја ќе бидат вклучени во програмата на „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.

Со завршувањето на активностите на Кале, Управата за заштита на културното наследство планира да ги насочи своите активности кон Плаошник, каде што, како што посочи Честоева, има објекти кои со години се оставени на забот на времето.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk