При акциска контрола за брзо возење, за шест часа констатирани биле 708 прекршоци, соопштија попладнево од Министерството за внатрешни работи.
- Вчера во периодот од 11 до 17 часот, на територијата на целата држава, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола насочена кон откривање и санкционирање на возачите кои управуваат возило со брзина поголема од пропишаната. При спроведената контрола констатирани се вкупно 708 прекршоци за управување со возило со брзина поголема од дозволената, од кои 360 надвор од населено место и 348 во населено место - информираа од МВР.
Во рамки на контролата евидентирани биле и три случаи на кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик.
- Дополнително, констатирани се 98 прекршоци од друг вид. За сите констатирани прекршоци преземени се соодветни мерки согласно законските прописи - се додава во соопштението.
Министерството за внатрешни работи продолжува со спроведување на акциски сообраќајни контроли и апелира до возачите да ги почитуваат ограничувањата на брзината и сообраќајните правила и прописи, да возат внимателно и одговорно, затоа што секој живот е важен.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата