logo
logo
logo

Комората и бизнисмените: „Граѓаните не ги знаат верските празници, сакаат само да си спојат за викенд“

Vecer | 05.10.2026

Комората и бизнисмените: „Граѓаните не ги знаат верските празници, сакаат само да си спојат за викенд“

Промени во начинот на користење на неработните денови предлага Стопанската комора на Македонија, која најави дека набргу до Министерството за економија и труд ќе достави предлог-измени на Законот за празниците.

Со предложените измени, според Комората, бројот на неработни денови индиректно би се намалил на 13, без да се укинуваат постојните празници. Едно од предложените решенија е при засновање работен однос вработениот да избере два празника од оние што не се однесуваат на сите граѓани и тие да ги користи како дополнителни неработни денови.

Проектниот менаџер во Стопанската комора, Анета Димовска, појасни дека предлогот не значи бришење или укинување на празници, туку ревидирање на правото на нивно користење.

Според неа, сегашниот систем создава разлики во бројот на неработни денови што им припаѓаат на граѓаните во зависност од верската и етничката припадност. Со новиот модел, вработениот при склучување договор за работа би определил кои два празника од групата празници што не се за сите граѓани ќе ги празнува.

Димовска се осврна и на односот на граѓаните кон верските празници, посочувајќи дека, според неа, дел од нив не ги користат празниците поради нивното верско значење, туку како можност за продолжен викенд.

„Граѓаните не ги знаат верските празници, сакаат само да си спојат за викенд“, посочи Димовска, образложувајќи го предлогот за поинаков начин на определување на дополнителните неработни денови.

Како второ решение, Комората предлага празниците што се паѓаат во недела да не се префрлаат на првиот нареден работен ден, односно понеделник.

Од Комората велат дека иницијативата е резултат на долгогодишните забелешки од работодавачите, кои укажуваат на организациски и финансиски последици од поголемиот број неработни денови.

Димовска посочи дека отсуството на вработените за време на празници, според работодавачите, се одразува врз продуктивноста и создава дополнителни организациски и финансиски тешкотии.

Комората направила и анализа на 36 европски економии, според која во речиси 70 отсто од нив бројот на државни празници и неработни денови се движи меѓу 11 и 14.

Во Македонија, според анализата, има 11 неработни денови што важат за сите граѓани, но со додавањето на петте неработни денови за припадниците на православната вероисповед, вкупниот број достигнува 16.

Од Комората посочуваат и дека во повеќе од половина од анализираните европски држави празниците што се паѓаат за време на викенд не се префрлаат во наредниот работен ден.

Како дополнителен аргумент, Димовска го посочи и економскиот ефект од продолжените викенди. Според неа, дел од граѓаните празниците ги користат за патувања во странство, при што потрошувачката и приходите се насочуваат кон економиите на други држави.

Предлог-измените допрва треба да бидат доставени до Министерството за економија и труд, по што ќе следи разгледување на иницијативата и евентуална постапка за измени на законската регулатива.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk