Завршен е вонредниот инспекциски надзор на Државен санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) во општите болници во Охрид и Струга и на Клиниката за гинекологија и акушерство за случајот со пациентката Љ.Ш. од Охрид, која пред да и заврши бременоста го загуби својот плод. Од страна на министерот за здравство Сашо Клековски побарано е да се провери работата на матичниот гинеколог и третманот во приватна здравствена установа.
Клековски денеска изјави дека извештајот ги покрива општите болници во Охрид и Струга и Клиниката за гинекологија и акушерство за периодот мај до септември.
– Увидот е направен и побарав да се провери работата на матичниот гинеколог пред пациентката да оди во болницата во Охрид. Има една изјава дека во овој период била и во една приватна здравствена установа и побарав да се изврши увид во тоа што е правено во таа болница за да имаме комплетна информација. Како и со претходниот случај сакам да оствариме контакт и со пациентката, бидејќи ова не треба да биде комуникација преку медиуми. Апелирам на малку трпение. До утре ќе го комплетираме извештајот и со матичниот гинеколог и со приватната здравствена установа, рече Клековски.
Во врска со случајот со пациентката С.М. тој посочи дека стручниот надзор е завршен и утре на прес-конференција со докторите од стручниот надзор ќе ги презентираат резултатите. С.М. од Струмица по породување со царски рез во штипската болница останала неподвижна.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата