Македонија по се изгледа конечно е решена да се справи со марихуана мафијата откако доминото го турна акција на српската полиција со меѓународна помош кога беа откриени пет тони увезена нелегална марихуана за кои се објавува но се уште не е потврдено од ниту една страна дека е произведена во македонските фабрики кои требаше да се бават со медицински канабис, а не со шверц на дрога.
Запленета на десетици тони марихуана делува неверојатно, но конечно државата може да каже дека функционира и дека се справува со овој криминал од епски пропорции.
За да разбереме зошто денес се случуваат овие масовни полициски акции треба да се навратиме на 2016 година. Тогаш Зоран Заев и неговите политички сурогати создадоа атмосфера во јавноста дека ќе се случи легализација на употребата на медицински канабис, дека земјоделските полиња ќе се засадат со домашно производство на марихуана и дека тоа ќе значи економска преродба на Македонија.
Ветувањата за зелена медицина сепак, не се остварија целосно. На пазарот беа пуштени само неколку производи на масло со ЦБД која е всушност корисната состојка на канабисот, но со многу ниски степени на концентрација, а високи цени.
Пациентите кои се соочуваат со терминални болести и тие со хронични болки и акутни состојби повторно беа принудени да посегнуваат по уличното масло од канабис. Фабриките за одгледување марихуана никогаш не добија јасна дозвола да произведуваат медикаменти од канабис, а од друга страна ниту имаа вложено доволно средства во скапа опрема и лаборатории за екстракција и производство на лекови базирани на канабис.
Владата на Заев беше посетена од Мајкл Штраумитис, познат како Биг Мајк или кралот на марихуаната кој ја истакна Македонија како нов сериозен играч на пазарот на марихуана.

„Зборувавме многу за канабисот. И, дозволете ми да ви речам, оваа земја има голем потенцијал. Возбуден сум што ќе бидам дел од претворањето на Македонија во една од европските супер сили“, објави Биг Мајк по средбата.
60 компании добија дозволи за одгледување марихуана, и во овој бизнис беа вложени десетици милиони евра, сите во очекување дека произведената марихуана ќе може да ја пласираат на легалниот пазар.
Но, всушност со години имаше блокада најпрво тој канабис да се употреби во фармацијата на домашниот пазар, а истовремено беше забрането да се извезува сувиот цвет на марихуаната во странство.
Дури и откако се обезбеди законска можност за извоз на сув цвет на марихуана од македонските фабрики веќе условите на меѓународните пазари беа променети, а од друга страна недостигот на соодветни стандарди кои фабриките не ги поседуваа повторно, доведе до блокада на извозот како на сув цвет така и на соодветни медицински препарати.
Огромните залихи на сув цвет од македонските фабрики мораше некаде да завршат, а најчесто тоа се правеше преку „кражби“ каде од магацините преку ноќ исчезнуваат десетици тони произведена марихуана.
Претпоставките беа дека кражбите од фабриките за марихуана се однапред договорени со криминалните нарко картели, а во овие операции се вклучени полициски службеници како и соодветна заштита од политички структури.

Дел од тие операции беа сопрени и од ДЕА - Агенцијата за борба со дрога на Соединетите Американски Држави. Во една таква операција беше откриен и полициски началник како директен организаторот на транспортот на „украдената“ марихуана вредна близу еден милион евра. Како што е познато, во полициската акција беше уапсен командирот на полициската станица Прилеп Кире Спиркоски.
„Висок функционер од МВР близок до СДСМ вмешан во целиот процес, возачот на Трајче Заев, кој е прв братучед на Зоран Заев вмешан во целиот процес, а за пратката неофицијално се говори дека е од Медикал 420, фирмата за одгледување канабис, каде исто така неофицијално фалат над 200 кг, но тоа подоцна ќе го покаже истрагата. И клучната работа иста таква фирма во Бугарија поседуваат Трајче Заев и Бобан Заев кои се први братучеди на Зоран Заев, така што белото комбе во кое е запленета дрогата не може да биде случајност“, изјавија од тогашната опозиција.
Чудесно во 2020-та “исчезнаа“ 2 тони марихуана од плантажите во Јосифово, кај Валандово кои потоа се бараа и најдоа во и околу Арачиново. Според информациите во медиумите, фирмата од која била украдена марихуаната е Херб Индустри, која има лиценца за производство на марихуана од 2018 година. Проценките се дека украдените два тона марихуана чинат околу 6 милиони евра, а доколку се произведе масло цената би достигнала до 10 милиони евра.

Не толку чудесно е што марихуаната се “најде“ а владата на СДСМ/ДУИ и Зоран Заев исплатија милион евра (два пати по 500.000) за Арачиново како хуманитрана помош, формално за короната и локални потреби.
Македонија едно време наликуваше на висинска нарко држава, со редовни пресметки и ликвидации среде бел ден меѓу нарко групите кои се бореа за превласт, а дел од нивните операции беа токму финансирани од шверцот на марихуана.
Токму затоа најголемото разочарување е што граѓаните од промената на законите за употреба на медицински канабис немаат никаква корист, само неколкумина профитираа и тоа најмногу преку црниот пат на марихуаната, додека пак легалните канали и вложувања на бизнисмените неа крајно изневерени.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата