Проектот за изградба на новата подземна катна гаража и модерниот градски плоштад во Велес се соочил со необични и опасни предизвици, меѓу кои и пронаоѓање на заостаната бомба од Втората светска војна, која го забавила почетокот на работите за неколку месеци.
Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, истакна дека и покрај овој шокантен настан и бројните теренски пречки, изградбата сега се одвива според план, а комплетното завршување и пуштање во употреба се очекува кон средината на 2027 година. Гаражата на три нивоа треба тројно да го зголеми капацитетот за возила во центарот на градот.
„Имаше бомба од Втората светска војна којашто ни значеше забавување на процесот од неколку месеци, добро е што не се активира; имаше испитување од страна на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана за други експлозивни средства дали се наоѓаат на оваа територија; имавме земја од несинхронизиран состав, од една страна течеше песок, од друга страна имавме цврст дел… Централното градско подрачје го отежна периодот на влез и излез на камиони, булдожери заради тоа што имаме тука многу згради, имаме многу населено место, имаме многу голема фреквенција во текот на денот, имаме банки…Потешките работи се зад нас. Нè очекува убав период и се надевам дека некаде на средината на 2027 година, заедно со овие прекрасни луѓе коишто се околу мене, ќе го одбележиме завршувањето и ставањето во употреба и на плоштадот и на подземната катна гаража“, нагласи градоначалникот Колев.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата