За авторот, Сај Неф, Македонија е недоволно истражен дел од Балканот, чија слоевита историја, од византиската и отоманската до југословенската ера, заедно со секаде присутните планини, „создала различни регионални култури со цврста посветеност на традицијата и срдечно гостопримство што доаѓа од длабочината на душата“.
Вака американската телевизија Си-ен-ен ја опишува Македонија во репортажата првично објавена во декември 2025 година, а дополнета и повторно објавена на 9 октомври 2026 година.

Според репортажата, планинскиот релјеф е една од најпрепознатливите одлики на Македонија. Зелените падини, високите планински врвови и пејзажите што се менуваат со годишните времиња создаваат услови за различни туристички активности.
„Кога ќе влезам во автомобилот, во која било насока да посакам да возам, пред мене има планина, а зад мене има планина. Мислам дека ова е најдобриот начин да ја опишам мојата земја“, вели скопјанката Фросина Пандурска-Драмиќанин, која работи во областа на руралниот развој и зајакнувањето на локалните заедници.

Авторот посочува и дека Македонија, земја со околу два милиона жители, сè уште не ги доживува големите туристички гужви карактеристични за делови од Јужна Европа. Според него, тоа ја прави привлечна за патници што бараат поинакво искуство, надвор од најпознатите туристички центри.
Александар Богoeвски, сопственик на туристичка агенција што дел од профитот го вложува во инфраструктурата на заедниците со кои соработува, за Си-ен-ен посочува дека многу патници минуваат низ Македонија на пат кон Грција или Албанија, без да застанат и да ја истражат земјата.
„Мислам дека има толку многу други работи што можат да се видат“, вели Богоевски.
Посебно место во репортажата е посветено на Скопје како главен град, чиј изглед, според Неф, е обликуван од различни историски периоди, архитектонските контрасти се една од особеностите на градот, а старите градби од отоманскиот период, модернистичките објекти и поновите неокласични фасади создаваат урбан амбиент што се разликува од оној во многу други европски престолнини.
Според Си-ен-ен, Старата скопска чаршија е издвоена како едно од местата каде што најдобро се чувствува ова историско преплетување.

„Посетителите што бараат сè – од свежи земјоделски производи до барови со опуштена атмосфера и антиквитети – можат да го најдат тоа во испреплетените улички на чаршијата. А сосема е можно и да се изгубат додека ја истражуваат.
Масите пред кафулињата во чаршијата и пошироко се полни од рано наутро до доцна навечер, а лате-напитоците со матча имаат свое место покрај турското кафе. Овој град со средна големина нуди културна програма што ги надминува очекувањата за неговата големина, вклучувајќи џез-фестивали, филмски фестивали и музички настани. Голем дел од ова е наследство од југословенскиот период, кога владата значително ги субвенционирала културните центри и уметничките програми. За патниците што сакаат да се одморат по долгите ноќи во кафаните и посетите на бројните коктел-барови во градот, руралните предели веднаш надвор од Скопје нудат многу атракции“, пишува Неф во репортажата.
Една од предностите на Скопје, наведува Неф, е близината на природните атракции. Тој го издвојува Водно, „до чиј врв посетителите можат да стигнат со жичницата, а каде што се наоѓа Милениумскиот крст. Од оваа локација се отвора панорамски поглед кон Скопје и околните планини“.
„Посетителите можат и да возат кајак низ зелените води на кањонот Матка или да ги посетат бројните пештери во кањонот, кои потсетуваат на пејзажи од Марс. Во нив има необични сталактити што се формираат со капење на минералната вода, а пештерите се редовна дестинација на меѓународната заедница за нуркање во пештери. Во понудата има и посериозни планинарски тури што ги следат планинските гребени и ги водат туристите до сите три локации“, пишува Неф.
Посебен дел од репортажата е посветен на македонските манастири, езера и планински предели.
Меѓу знаменитостите што „Си-ен-ен“ им ги препорачува на туристите е Бигорскиот манастир, познат по својата архитектура, резбите во дрво и богатото духовно наследство. Авторот ги истакнува и есенските пејзажи во Националниот парк „Маврово“, споредувајќи ги нивните впечатливи бои со познатите есенски разгледници од американскиот регион Нова Англија.
Охридското Езеро е опишано како „крунскиот скапоцен камен“ на Македонија, а манастирот „Свети Наум“ како една од знаменитостите што вреди да се посетат.
Во репортажата се нагласува и значењето на Охридскиот регион, кој е под заштита на УНЕСКО и привлекува посетители од целиот Балкан.
„Има многу причини да се засака оваа земја. Тоа е повеќеслојно рурално искуство, со најубавите природни пејзажи што некогаш ќе ги видите во толку мала земја“, објаснува Пандурска-Драмиќанин.
Дел од репортажата е посветен и на македонската гастрономија.
Авторот забележува дека традиционалната кујна се разликува од регион до регион, но заедничка карактеристика е употребата на свежи, локално произведени состојки, без преголемо количество зачини.
Посебно место добива ајварот, а „Си-ен-ен“ ја опишува и есенската традиција на неговата подготовка, кога семејствата поминуваат долги часови печејќи пиперки и подготвувајќи зимница.
Се споменува и ракијата, која најчесто се произведува од грозје и традиционално се служи со свежи салати, месо на скара и домашен леб.
Благодарение на сончевата клима, пишува Неф, Македонија е значаен производител на вино во регионот, особено регионот на Тиквешието.
Од многубројните специјалитети, што туристите треба да ги пробаат, тој ги препорачува бурекот, ќебапите, пастрмајлијата и традиционалните чорби.
Македонскиот филмски режисер Митко Панов во репортажата зборува за значењето на кафеанските музичари и нивната улога во зачувувањето на локалната култура.
„Многу земји веќе ги изгубиле своите автентични форми на народна забава. На колку места во САД можете да отидете во кафеана, да слушате музика во живо, да му платите на музичарот и да побарате да ви ја испее омилената песна?“, вели Панов.
Репортажата ја отвора и темата за тоа како Македонија може да го искористи туристичкиот потенцијал без да ги повтори проблемите со кои се соочуваат пренатрупаните европски дестинации.
„Помалата посетеност, зачуваните традиции и близината меѓу градските и природните атракции се предности за патниците што бараат автентични искуства. Сепак, развојот на туризмот не подразбира само зголемување на бројот на посетители. Важни се и вложувањата во локалната инфраструктура, поддршката на заедниците и зачувувањето на природното и културното наследство“, се наведува во репортажата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата