Црниот биланс од западно-нилската треска во Македонија се искачи на седум починати лица, соопштија здравствените власти. Она што посебно ја загрижува јавноста е фактот што сите досега регистрирани смртни случаи се мажи од Скопје, на возраст од 62 до 83 години.
Според официјалните податоци, стапката на заболени во земјава покажува драстична разлика, односно односот на заболени е 3,7 спрема 1 во корист на мажите. Министерот за здравство, Сашо Клековски, го објасни овој феномен посочувајќи дека станува збор за демографска карактеристика која е веќе научно потврдена во глобални рамки.
„Најголемата студија е направена во Америка на над 3.000 случаи. Во таа студија е сосема јасно дека и стапката на заболување со тешка, невроинвазивна форма, но и смртноста е значително поголема кај машкиот пол“, истакна Клековски.
Анализа на американските Центри за контрола и превенција на болести, која опфатила повеќе од 12.000 невроинвазивни случаи во период од десет години, покажала дека 62 отсто од пациентите биле мажи. Кај лицата постари од 70 години, разликата била уште поизразена – зачестеноста кај мажите била повеќе од двојно поголема отколку кај жените.
Сепак, науката сè уште нема единствено објаснување за оваа појава. Не постојат доволно докази дека мажите почесто се заразуваат со вирусот, туку дека кај нив почесто се развива тешката невроинвазивна форма. Меѓу можните причини се наведуваат разликите во изложеноста на комарци, хроничните заболувања, имунолошкиот одговор и начинот на кој се откриваат и евидентираат инфекциите.
Здравствените експерти апелираат на зголемена претпазливост и заштита од убоди од комарци, особено кај постарата популација и лицата со хронични болести.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата