Ако по денешното судење на судијата Ѓоко Ристов за корупција и спомнувањето на имиња со кои комуницирал и соработувал од политичкиот врв обвинбителството не ја прошири истрагата, јасно е дека немаме обвинителство онака како што теоријата, науката и законот определуваат туку најширока форма на политичко-обвинителски-судски коруптивен систем.
Што се случи, и утврди пред судот, денска.
За телефонскиот именик на обвинетиот апелациски судија Ѓоко Ристов се говореше на денешното судење, при што обвинителката Искра Хаџи-Василева прочита повеќе познати имиња од политичкиот и бизнис-секторот кои биле запишани меѓу неговите контакти, и со кои согласно тоа комуницирал судија со политички функционери од највисок формат.
Беа споменати Бојан Јовановски, познат како Боки 13, пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски, кој во именикот на Ристов бил запишан како „бабе Исмаил“, како и неговиот син Асмир Јахоски, сопственик на „Пуцко Петрол“. Споменат бил и бизнисменот Зоран Азманов.
На списокот се наоѓале и Фехми Стафа, кој во јавноста се поврзува со случајот со осомничениот Љупчо Пецов, познат како Ѓаволот, како и Исмет Гури, поранешен директор на УЈП и функционер на ДУИ, кој беше опфатен во предметот „Титаник 3“.
Меѓу контактите била и поранешната пратеничка Фросина Ременски, а во телефонот бил зачуван и број што, според обвинителството, му припаѓал на Вице Заев, брат на поранешниот премиер Зоран Заев.
Иако обвинителството на судењето не презентирало конкретна комуникација меѓу Ристов и наведените лица, обвинителката оценила дека самото постоење на овие контакти може да биде разгледувано од аспект на етичките и законските стандарди.
„Ние уште на почетокот кажавме дека ова судење се однесува на она што е предмет на обвинение, но секако е поврзано и со коруптивни практики и дејствија како предикативни елементи на перењето пари, едно од делата за кои го гони обвинетиот.
Во таа смисла беа презентирани овие докази што упатуваат на контакти и комуникации, кои по наша оценка се недозволени од судија на Апелација со лица за кои, и самите забележавте, се воделе и се водат и активни предмети и постапки“, рече обвинителката Хаџи-Василева.
Сепак, таа прочита пораки меѓу Ристов и поранешниот апелациски судија кој е на црната листа на САД, Енвер Беџети.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата