Дипломатските превирања меѓу Скопје и Софија добиваат нов заплет по реакцијата од бугарското Министерство за надворешни работи во врска со предлозите за олеснување на преговарачкиот процес. Министерката за надворешни работи на Бугарија, Весислава Петрова-Чамова, одговарајќи на пратеничко прашање, изјави дека е нетипично да постои медијатор меѓу земја-членка на Европската Унија и земја-кандидат за договори усвоени на европско ниво. Со ова Софија јасно го отфрли предлогот што претходно го изнесе македонскиот премиер Христијан Мицкоски за директна вклученост на претставници од Брисел во македонско-бугарскиот дијалог. Петрова-Чамова порача дека Бугарија очекува Скопје да изгради конструктивен политички наратив и повтори дека услов за деблокирање остануваат уставните измени и вметнувањето на Бугарите во Преамбулата.
Од друга страна, македонските власти порачуваат дека нема да пристапат кон промена на Уставот без јасни и цврсти гаранции од ЕУ дека нема да има нови билатерални пречки и дополнителни вета од Софија. Премиерот Мицкоски минатиот месец нагласи дека присуството на претставници од Европската комисија е неопходно за објективно да се слушнат сите аргументи, бидејќи билатералните средби честопати резултираат со разминати интерпретации во јавноста. Во меѓувреме, еврокомесарката за проширување Марта Кос потврди дека Европската комисија зад кулисите прави многу за односите меѓу двете земји, додека Швајцарија преку претседавачот со ОБСЕ, Ињацио Касис, понуди поддршка од организацијата за олеснување на дијалогот и следење на владеењето на правото.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, истакна дека позициите на македонската страна се принципиелни и добро познати кај меѓународните партнери, додавајќи дека разговорите што се водат во моментот уживаат поддршка од европските институции и земјите-членки. Сепак, пораките од Брисел остануваат непроменети – за одржување на втората меѓувладина конференција и официјалното отворање на преговарачките кластери, Македонија мора да ги исполни обврските од преговарачката рамка договорена во 2022 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата