Две години работа на функционерите на ЗНАМ ќе бидат ставени на отчет пред граѓаните, прво утре во Скопје, а потоа во 14 градови низ Македонија. Партијата најавува дека нема да остане само на промоција на публикација, туку секој викенд до крајот на годината нејзините функционери ќе излегуваат на директни средби со граѓаните.
Централниот отчет е закажан за 19 септември во 13 часот во киното „Фросина“ во МКЦ, каде што ќе биде претставена публикацијата „Две години работа. Две години резултати. Една љубов – Македонија!“. Во неа, според најавата на ЗНАМ, треба да бидат опфатени одлуките, реформите, започнатите проекти и резултатите на партиските кадри во институциите.
„Отчетот не е за нас. Отчетот е за граѓаните. Пред две години граѓаните ни дадоа доверба и мандат да преземеме одговорност. Денес сметаме дека е наша обврска јасно и отворено да покажеме што е направено“, порачува ЗНАМ.
По скопскиот настан следува значително подолгиот дел од отчетот. Во наредните 14 недели функционерите на ЗНАМ треба да одржат 14 панел-дискусии во исто толку градови, по една секој викенд до крајот на годината.
На средбите ќе се презентира работата на институциите со кои раководат кадри на партијата, но ЗНАМ најавува и директни прашања од публиката, критики и предлози.
„За нас отчетот не значи само да кажеш што си направил. Отчет значи да застанеш пред граѓаните и да одговориш зошто си го направил тоа, што е постигнато и што допрва треба да се направи“, се наведува во соопштението.
Од партијата најавуваат дека нема да ги прескокнуваат ниту неисполнетите планови.
„Во политиката лесно е да се даде ветување. Многу потешко е по две години да застанеш пред граѓаните и да кажеш „Ова го ветивме. Ова го направивме. Ова не успеавме да го направиме. А ова ќе го направиме понатаму“, се вели во написот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата