Министерот за транспорт Александар Николоски истакна дека Владата цврсто стои зад своите ветувања и дека официјалниот старт на првата линија од проектот „Градски воз“ започна точно според планираниот рок — на 1 септември.
Тој изрази големо оптимистичко очекување дека овој нов начин на транспорт брзо ќе прерасне во секојдневна навика за сите категории граѓани, нудејќи брзо, евтино и сигурно пристигнување до саканата дестинација.
„Ветивме дека првата линија ќе почне на 1 септември, почна на 1 септември. Се надевам дека ќе ја користат многумина. Се надевам дека ќе помогне многу и на учениците и на средношколците, ќе помогне и на оние коишто ќе сакаат да дојдат навреме на своите работни места, ќе помогне и на пензионерите и ќе ја користиме сите ние“, порача министерот Николоски.
Покрај директните придобивки за граѓаните на Скопје и околината, Николоски посочи дека овој проект е само еден сегмент од многу поголема и поамбициозна стратегија за позиционирање на земјата на меѓународната мапа.
„Ова е дел од визијата – Македонија инфраструктурна раскрсница на Балканот. Со реализацијата на коридорите 8 и 10, како и со реализацијата на вакви проекти како – градски воз, Македонија навистина станува срце на Балканот“, заклучи Николоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата